Firefox троши помалку меморија со мала историја по сесија

Ghacks.net пишува дека, по правило, Firefox ги чува во меморија последните 50 посетени веб-сајтови и затоа, после подолго користење почнува да „јаде“ сè повеќе системска меморија. Колку побогати веб-сајтови ќе отворате, толку побрзо ќе се нафати „талог“ во меморијата, што Firefox ја предвидел да ја користи.

Ваквото однесување на Firefox е предвидено со неговата изработка и овозможува побрзо отворање на веќе посетените веб-сајтови, така што тие ќе се вчитуваат директно од системската меморија, а не од од хард диск. Сепак, доколку немате вишок системска меморија, оваа „можност“ на Firefox, повеќе прави штета отколку што помага.

Како и секогаш, кога правите напредни прилагодувања во Firefox, така и сега, отворете го регистарот со повикување на „about:config“, преку адресната лента.

firefox-session-history-tweak

Најдете го клучот: browser.sessionhistory.max_entries, и променете ја неговата вредност од 50, на вредност, што вам најмногу ви одговара. Ако сакате Firefox да ги чува во меморија содржините од последните 6 посетени веб-сајтови, внесете: „6“, па, рестартирајте го Firefox.

Разликата, би требало да е забележлива веднаш.

Претходни записи на оваа тема:

Веб-банери за протестот против полициска бруталност

Изработив четири банери за поддршка на протестот против полициската бруталност. Два од банерите се со димензии 125×125 px и се поприменливи за блогови. Третиот банер е поголем и посоодветен за портали. Од него изработив и продолжена верзија за големиот протест в сабота (25.06.2011 год.).

Сите банери, освен последниот, носат на http://protestira.me/. Последниот носи на страницата за настанот на Facebook.

Направив и соодветни блокови од HTML, па вгнездувањето на сајтови е едноставно, колку copy-paste.

Stop za policiska brutalnost

Stop za policiska brutalnost

Stop za policiska brutalnost

Stop za policiska brutalnost

Stop za policiska brutalnost

Stop za policiska brutalnost

Ајде, проширете го зборот, поставете банери и се гледаме в сабота!

Разговор со дежурниот инфо центар на Водовод и канализација

Немаме вода во Радишани. Во 21 часот и некоја минута, се јавувам на 3073010, на дежурниот инфо центар на ЈП Водовод и канализација, да го пријавам проблемот (очекувајќи дека е веќе пријавен) и да се информирам.

vodovod-prijavi-defekt

Оператор Миле: Да…

Јас: Добровечер, Водовод и канализација?

Оператор Миле: Да…

Јас: Со кого разговарам?

Оператор Миле: А, кој ви треба?

Јас: Па ми треба некое лице што е задолжено да одговара на повиците на дежурниот инфо центар. Дали можете да ми се претставите?

Оператор Миле: Па, видете… не се претставуваме, зашто го злоупотребуваат тоа…

Јас: Па, добро како тогаш би знаел јас со кого разговарам? Прашувам од причина што сакам да знам со кого разговарам.

Оператор Миле: Знам, но знаете, го злоупотребуваат тоа. Ќе се јави некој, ќе праша со кого разговара и после викаат „тој ми кажа така“, „тој ми рече вака“… Еве ќе ви кажам, Миле е на телефон.

Не успеав детално да го запомнам останатиот дел од разговорот, па ќе си земам слобода да го прераскажам. Исто така, не се обидов да го дознаам презимето на г-динот, од проста причина што мислев дека ќе биде погубно за нашиот разговор.

Откако ни забегува натегањето околу тоа дали, Миле треба да се претстави или не и како е тоа одраз на лична култура, а не на политика на фирмата, Миле ме прашува за што се јавувам, претходно, потенцирајќи дека друг пат ќе ми објасни зошто го злоупотребувале кажувањето на имињата на операторите.

Вели, „…но, кажете што ви треба?“. Му објаснувам дека се јавувам од Радишани и дека неколку часа немаме вода. Ми кажува дека знаат за тоа и дека се јавиле и други луѓе, но дека проблемот не е кај нив. Имало диви фирми, што копале каде стигнеле и така и денес некој копал и не докопал како што треба, па ние сме останале без вода на нашата улица. Јас потенцирам дека нема вода во поголем дел од населбата и дека не станува збор за само една улица, по што тој ми кажува дека имале пријава од ул. Симче Настевски. Откако му објаснувам дека јас живеам на сосема друга улица, му станува јасно дека дефектот е од поголем размер и ми кажува дека имало екипа што работела во Шутка, која штом ќе завршела, ќе се префрлела во Радишани, за околу 20-30 минути.

Потоа комуникацијата пак запнува… инсистирам да дознаам кога ќе добиеме вода, а Миле инсистира на тоа дека за 20-30 минути екипата ќе се префрли од Шутка, попатно повторно нафрлајќи дека проблемот не е до нив. Невнимателно, некако заклучувам дека за 20-30 ќе добиеме вода и се заблагодарувам на повикот. За среќа, Миле, ме отрезнува велејќи, „а, сега сакате да ви кажам зошто го злоупотребуваат…“. Велам, сакам.

Потоа, Миле почнува да го повторува истото од пред малку. Дека се јавува кој стигне, прашува име и потоа тоа го злоупотребува – со други зборови го кодоши вработениот. Повторно вели дека кој стигне, копа каде стигне и дека тие не се полиција, на што јас одговарам дека сепак имаат или можат да имаат соработка со полицијата за овој проблем.

Потоа, јас објаснувам дека, кога човек се јавува во ЕВН Македонија, на пример, го пречекува оператор со име и презиме и дека тоа не би требало воопшто да биде проблем и за Водовод и канализација. Но, Миле инсистира дека тоа е политика на фирмата и пак некако се навраќа на муабетот дека проблемот не е до нив, сега веќе, навидум полн со разбирање за мојот пристап, да не речам охрабрен.

Видно револтиран, почнувам да објаснувам дека штом имаме проблем во водоснабдувањето, а тоа оди преку Водовод и канализација, тогаш проблемот е дефинитивно до нив и дека не е во ред што се префрла одговорноста на некој друг. Запнувам, да дознаам, кога би можеле да очекуваме да добиеме вода, но Миле упорно се врти околу „20-30 минути од Шутка“, за на крај, меѓу другото да ми каже „добро, што сакате да ви кажам, дека вечерва ќе добиете вода?“. На тоа, јас одговарам, „Добро, значи не сте информиран.“ На што тој, мошне внимателно одговара дека се очекува екипата да пристигне од Шутка и да види каде е проблемот.

Се заблагодарувам и го прекинувам разговорот.

А сега, неколку прашања поврзани со оваа авантура…

  1. Што има вработениот да внимава и да се плаши да го каже своето име и презиме, да не речам да се претстави, ако достојно, чесно и професионално си ја извршува својата работа?
  2. Зошто операторот Миле беше преплашен да го каже своето име?
  3. Како е можно, ЈП Водовод и канализација да покажува минимален интерес за сопствената водоводна мрежа?
  4. Како е можно да копа, кој каде стигне? Нели, треба, некаква дозвола за некој да се приклучи на водоводната мрежа на Водовод и канализација? Нели, едно време им ја исклучуваа водата во Сарај на дивите потрошувачи? Нели, постои можност „дивтарите“ да се гонат прекршочно или кривично?
  5. Кој и како ќе ја надомести штетата што ќе ја претрпи населението од Радишани и што можеби утре ќе треба да оди неискапено на работа? Па недела е поѓаволите! :)

#trolololo

Површен одговор од МВР за Мартин Нешковски

Каков треба да биде граѓанскиот активизам, за власта (ВМРО-ДПМНЕ) да го види како непартиски? И како тоа партијата над партиите, умее да разликува непартиски од партиски активизам, кога и таа самата во изминативе години, додека ја носи земјата во сè поголема неизвесност, нема направено ниту еден непартиски потег и нема донесено ниту една безусловно корисна одлука, со којашто можат да се гордеат сите луѓе во Република Македонија?

Површен е одговорот на Министерството за внатрешни работи (МВР), на барањето на група граѓани, за преземање на дополнителни активности во врска со убиството на Мартин Нешковски. Со него дополнително се открива намерата на МВР, да се заштити и да не дозволи да дојде до целосно расветлување на убиството на Мартин.

  1. Како тоа „од страна на Министерството целосно се почитуваат човековите права и слободи“, кога припадник на Министерството за внатрешни работи уби невин човек?
  2. Одговорноста за убиството не е целосно лоцирана, зашто има сведоци што тврдат дека постојат неколку лица, што учествувале во преместувањето на телото на убиениот, непосредно по убиството.
  3. Види точка бр.2.
  4. За судот да може да одлучува потребно е да се обезбедат сите докази, што МВР сè уште го нема направено, затоа што: види точка бр.2.
  5. Кривична пријава беше поднесена само против едно лице, иако: види точка бр.2.
  6. Се бара укинување на внатрешната контрола во МВР и заменување на истата со независно граѓанско тело. Треба уште да поедноставиме? Се бара граѓаните да имаат контрола над работата на МВР.
  7. Дали во МВР постои само еден единствен филтер за неговите вработени? Дали ако некој вработен е примен на работа во МВР пред 10 години, тој нема ниеднаш да помине низ интерни контролни механизми, сè додека не направи мегаиспад, како на пример убиство? Дали МВР има механизам да ги спречи овие испади? Штом се случуваат, очигледно нема. Затоа и се потребни реформи.
  8. Од кога власта ги зема експертските мислења предвид? Нели работа на експерите беше, тие само да предупредуваат, да паничат, а власта да ги негира?! За секој проблем, секогаш постои повеќе од едно решение.
  9. Министерството за внатрешни работи треба да се прилагоди на потребите на граѓаните, а не обратно. Плус, во Собранието на Република Македонија, нема граѓани и треба да се направи дополнителен ангажман за да им се овозможи пристап до бараните информации. Значи и во овој дел, има уште многу да се работи.
  10. МВР може да започне официјална комуникација со Министерството за правда уште утре. Сепак и тоа, само по себе нема да се случи.
  11. Нема никакво прејудицирање вина. Вработен во Министерството за внатрешни работи, уби човек. Зошто Министерот за внатрешни работи дозволил во својот ресор да има човек што е спремен да убие? Нели е тој, во целост одговорен за својот ресор? Кога во некое училиште ќе се случи насилство, моралната одговорност ја презема директорот на училиштето. Истото е и во случајот со МВР.