Рутирање на KingZone N5 и бришење на Launcher3

Не многу одамна си купив KingZone N5 од AMC. Телефонот го продаваат нерутиран, со повеќе бескорисни апликации што се вградени во испорачаниот ROM. Launcher3 е една од тие апликации. Работи постојано додека телефонот е вклучен и без контрола прикажува банални реклами. Ја троши батеријата многу брзо и целосно го уништува корисничкото искуство на овој телефон, кој инаку има релативно добар хардвер.

Не сум сигурен дали Launcher3 е самиот по себе проблематичен или пак таква е само верзијата што доаѓа со телефонот.

Решив да се ослободам од Launcher3 по секоја цена и да го флешувам телефонот со друг ROM, којшто на крајот се покажа како бескорисен, бидејќи не ми го препозна процесорот. Бидејќи веќе ги пребришав партициите, телефонот беше бескорисен и морав одново да го инсталирам ROM-от што го испорачуваат од KingZone. Во тоа успеав со алатки што ги нудат од KingZone.

Кога го вклучив телефонот по флешувањето, не можев да ја користам SIM-картичката, бидејќи во текот на флешувањето била променета вредноста IMEI – уникатна за секој уред. Некаде прочитав дека со Hard Reset можело да се ресетира и таа, но тоа на мене не ми успеа. Потоа, најдов команда со којашто успеав да ја вратам основната вредност на IMEI, во т.н. Engineer mode [*#*#3646633#*#*] и ја поработев SIM-картичката. Командата ја внесов во Engineer Mode -> Connectivity -> CDS Information -> Radio Information -> Phone 1 [практично, број на лежиште за сим-картичка].

Командата е: AT +EGMR=1,7,"бројот на IMEI". Вредноста на IMEI ја пишува на самиот мобилен телефон, под неговата батерија или некаде во гаранцијата на AMC. Внесувајте внимателно, зашто командата без празно место помеѓу AT и +EGMR, нема да се изврши.

Ми остана уште да го рутирам телефонот, па со малку повеќе истражување стигнав до KingoRoot.

Рутурањето со KingoRoot е неверојатно едноставно и го препорачувам — буквално „One Click Android Root Apk/Software“. За жал, достапен е само за Windows.

Сѐ што ми остана беше да инсталирам некаква апликација за бришење на системски апликации. Најпрвин го инсталирав CCleaner, но бришењето беше нецелосно, па решив да се обидам со System app remover (ROOT). Овој пат успешно го избришав Launcher3, заедно со уште неколку сервиси што не беа означени со [Should keep] и го рестартирав телефонот.

Успех! Сосема поинакво искуство. Ги нема рекламите, а телефонот сега работи значително побрзо и батеријата трае многу подолго.

Без наслов, но со повод

Што всушност заштитуваат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и луѓето што се нивни поддржувачи во т.н. политичка криза во Република Македонија?

Дали е тоа некаква си зона на комфорот во којашто се чувствуваат сигурни или пак, можеби, скриена желба, еден ден и ним да им се укаже приликата да бидат, моќни како нивниот лидер? Секако, ова второто е голема илузија, зашто зад браникот создаден од привидот за моќ, се крие еден уплашен и слаб човек што не знае како да си помогне себеси, а не пак на другите.

Можеби, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се уценети и силно контролирани преку закани од централата? Ќе го изгубиш работното место! Ќе ти ја силуваме сопругата! Ќе ти го убиеме детето! Или пак, лидерот е сепак, добар и им ветува неброено богатство само за да останат со него и да не го предадат? (Но, чие богатство? Претпоставувам, нема да одвои од неговото…)

Или пак, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се исто толку корумпирани како и нивниот лидер, па немаат способност да согледаат каде всушност тој згрешил, немаат интерес да откријат кои биле мотивите за неговите грешки и немаат капацитет да расудуваат што е добро, а што лошо? За нив, сето ова е нормално и составен дел на управувањето со државата.

Секој разумен човек би се подзамислил и никако не би ја одбрал страната на Никола Груевски и неговите соработници, зашто на сите им е повеќе од јасно е дека тој не е во право. Секако, тој може да се обиде да нѐ убедува дека во ред е да се практикува криминал за да се оствари една повисока цел — зачувуање на државноста и интегритетот на Република Македонија, но се разбира дека во тоа нема да успее. Има премногу показатели што укажуваат на тоа дека опасноста за Република Македонија доаѓа одвнатре — од криминалната власт што нема намера да земе било кој(а) и било што предвид.

Секој пат кога зачувуањето на државноста и интегритетот на Република Македонија било оставено на ВМРО-ДПМНЕ, во Република Македонија се случувале трагедии и државата се наоѓа во состојба да ги загуби и државноста и интегритетот. Во 2001 година имавме конфликт, денес имаме „политичка криза“. До пред некој месец имавме и терористи кои мистериозно исчезнаа за само неколку дена. Имаме поделби по сите можни основи и системот на државата е целосно блокиран. Луѓето се мразат едни со други и речиси и да немаат никаква верба во правичноста на системот. Никој друг не е виновен за тоа освен партиите што раководат со државните институции.

Ако опозициските партии се целосно маргинализирани и надвор од власта, а во ВМРО-ДПМНЕ има само чесни и отчетни индивидуалци, тогаш зошто државата ни пропаѓа? Можеби затоа што тие индивидуалци не се чесни и предолго и премногу ја оштетиле државата? Ако во ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ треба да ги видиме вистинските владетели, зошто тогаш има сеопшто назадување во државава и Република Македонија се претвора во протекторат?

Фашизам — радикална политичка идеологија и државно уредување на крајната десница што комбинира елементи на корпоративизам, авторитаризам, национализам, милитаризам, антианархизам, антикомунизам и антилиберализам.

Верувале или не, во Република Македонија во 2016 година на власт се фашистите. Тие си распределуваат тендери, се потчинуваат на Пастирот, се делат на Македонци и Албанци, Христијани и Муслимани… зборуваат за употреба на (гумени) куршуми, знаат да ни кажат и покажат кои се хулиган(к)и и го осудуваат секое слободоумно размислување, етикетирајќи го како соросоидно, педерско, лезбејско, предавничко, а всушност си смислуваат изговор по изговор за да не се помрднат од дупката во којашто се закопани со години.

Колку е сето ова поразително за сите нас, можеме долго да зборуваме.

Луѓето што немаат капацитет да земат слобода и да практикуваат слободно живеење нема никогаш да донесат напредок во нашата земја. Затоа е многу, многу важно да ја сфатиме големината на проблемот со којшто се соочуваме. Всушност, не се бориме само со фашистите, туку и со индиферентноста, апатијата, изгубените идеали и немоќта за отпочнување на општествени промени.

А, општествените промени, секако ќе дојдат само после личните.

За паушалните сметки за електрична енергија на ЕВН Македонија (EVN Macedonia)

Сметката за електрична енергија што ЕВН Македонија (EVN Macedonia) ни ја испорача за февруари-март, 2015 е околу 6.300 денари. Во сметката нема ништо спорно, освен што е за околу 12.000 денари пониска од претходната. На што се должи оваа огромна разлика? Не знам.

Сепак, за мене огромната разлика е јасен показател дека сметките за електрична енергија во Република Македонија се паушални и по потреба се зголемуваат или намалуваат.

„Секогаш тука за паушали“ - измислен слоган за ЕВН Македонија (EVN Macedonia)

„Секогаш тука за паушали“ – измислен слоган за ЕВН Македонија (EVN Macedonia)

Кога се јавив да прашам на што се должи високата сметка за струја што ја добивме за минатиот месец т.е. јануари-февруари, 2015, операторката со која што разговарав телефонски, не беше многу јасна во искажувањата. Сепак, наведе дека ЕВН Македонија (EVN Macedonia) има законска обврска најмалку еднаш во годината да изврши прецизно читање на мерилата за потрошена електрична енергија, како поткрепа на нејзиното тврдење дека пресметаната сума во сметката за февруари, 2015 г. е точна. Инсистирав на тоа дека имаат направено пропуст и дека сакам да поднесам приговор, но ми рече дека тоа не е можно телефонски и дека морам да појдам во некој од нивните пунктови.

Не знам зошто операторката спомна дека имаат обврска каква што имаат, но ако претпоставиме дека ЕВН Македонија (EVN Macedonia) само еднаш и ќе изврши читање на мерилата, тогаш се поставува прашањето, како одредува колку електрична енергија е потрошена во останатите единаесет (11) месеци?! Уште едно многу важно прашање е како се случило ЕВН Македонија (EVN Macedonia) да се ослободи од обврската редовно да врши читање на мерилата? Како потрошувач, многу ме интересира и би сакал да знам дали плаќам нереално високи сметки за електрична енергија и дали паушалните сметки на ЕВН (EVN) се резултат на некаков таен договор со македонските власти.

Наидов на писмо што стигнало до редакцијата на Infomax.mk, во кое што се наведува дека ЕВН Македонија (EVN Macedonia) во ноември, 2014 година го има драстично намалено бројот на отчитувачи на мерилата за потрошена електрична енергија.

писмо од поранешен отчитувач на ЕВН Македонија

Писмо од поранешен отчитувач на мерилата за потрошена електрична енергија на ЕВН Македонија (EVN Macedonia)

Последната измена на цената на електричната енергија во Република Македонија била направена на 1-ви јули 2014 година и оттогаш цената на kWh електрична енергија што ја испорачува ЕВН Македонија (EVN Macedonia) е 2,80 денари, односно 5,59 денари.

цена на електрична енергија во Македонија од 1.7.2014

Цена на ЕВН Македонија, на електрична енергија за домаќинствата во Република Македонија што се применува од 1-ви јули 2014 година

Еве како се менувала цената на електричната енергија на ЕВН (EVN) низ годините:

За проблемот со паушалните сметки на ЕВН (EVN), годинава имаат известено/објавено/пишувано многу малку медиуми (24 Вести, KumanovoNews и уште два-три други). Можам да претпоставам зошто.

Ги поканувам пишаните и електронските медиуми во Република Македонија да истражуваат повеќе на оваа тема и да откријат зошто ЕВН Македонија (EVN Macedonia) повеќе нема обврска секој месец да ги чита мерилата, односно кои се последниците од тоа.

Упад во радиото Канал 103 на 13.03.2015 во МТВ

На 13.03.2015 бил извршен упад во радиото „Канал 103“ и била прекината емисијата „Кај Докторот“ од страна на обезбедувањето на МТВ/полиција.

Според предлог-годишниот финансиски план на ЈРПМРТ за 2015 година, оваа година ќе бидат издвоени 24.280.000 денари (речиси 395 илјади евра) за обезбедување на објектот на Македонската Радио Телевизија.

Услуги за одржување и заштита
– Оваа група на трошоци е планирана во вкупен износ од 24.280.000 денари, а овде влегуваат следните видови на трошоци: агенциски услуги за обезбедување на имот, инвестиционо и тековно одржување на основни средства, градежни објекти, одржување на возила, ситен инвентар и автогуми, услуги за одржување и заштита, услугиза изработка и одржување на ВЕБ страна, како и агенциски услуги за одржување на хигиена;

Која е агенцијата што во моментов ја обезбедува МТВ, не успеав да најдам. Според НОВА тоа е агенцијата „Бранител Македонија“.

Следува аудио-снимка од упадот и препис на записот.

Водител на Канал 103: Почитувани слушатели на Канал 103 ќе мора да ја скратам оваа емисија. Порано имаше обид за упад во Македонската Радио Телевизија, од страна на Стојанче Ангелов, генералот и лидер на Достоинство и во моментов сме под…

Лице од обезбедувањето: Личната карта ти реков!

Водител на Канал 103: Значи, имам емисија… да ја завршам…

Лице од обезбедувањето: Личната карта ти реков!

Водител на Канал 103: Само момент почитувани слушатели.

Лице од обезбедувањето: Не можам да чекам. Треба да си идам ја… од сабајле сум тука.

Водител на Канал 103: Извинете, легитимација за…

Лице од обезбедувањето: Абе ајде да не ве… истерам одавде… Лична карта ми рече шефот, ако не вика… искачај.

Лице од обезбедувањето (?): Со убаво викам, еве сега, како сакате, што сакате?

Лице од обезбедувањето: Го слушнавте што ви рече?

Водител на Канал 103: Така. Јас реков дека имам емисија? Треба да ја оставам?

Лице од обезбедувањето: Лична карта!

Водител на Канал 103: Треба да ја напуштам?

Лице од обезбедувањето: Лична карта! Лична карта да ми дадете! Седете, прајте муабет.

Водител на Канал 103: Како можам јас да ви ја дадам личната карта?

Лице од обезбедувањето: Ај, пред мене!

Водител на Канал 103: Официјално лице сте? На државата?

Лице од обезбедувањето: Абе не сум ја официјално. На телевизија обезбедување што сум официјално лице.

Лице од обезбедувањето: Ти кажав што е, шефот, имам шеф, ти кажав што е работата…

Водител на Канал 103: Добро, сега ќе се симнам со личната карта.

Лице од обезбедувањето: Абе, пред мене доаѓајте, ајде симнете се, па после продужете со…

Водител на Канал 103: Чекај, да не ми отиде емисијата во…

Лице од обезбедувањето: Нема што да отиде… Што сега, изиграваш?

Водител на Канал 103: Имено, слушате што се случува во моментов.

Лице од обезбедувањето: Господине, господине, ајде бе доле.

Водител на Канал 103: Продолжува…

Лице од обезбедувањето: Господине…

Водител на Канал 103: Чекај бе, да ја исклучам!

Лице од обезбедувањето: Абе, ајде бе… ајде не пуштај… не пуштај емисија.

Водител на Канал 103: Гледаш дека оди микрофонот сега.

Лице од обезбедувањето: Ако, ако…