Поскапи такси-услуги со попуст

Последното поскапување на такси превозот навистина нема никаква смисла. Која е целта на продавање на поскап такси превоз, кога најголем дел од такси-компаниите даваат некаков си попуст на конечната цена?

Вечерва двапати се возев со такси и двапати, крајната цена на превозот беше намалена за одреден процент.

На крајот, конечната сума за превозот до дома, беше околу 10 денари повеќе од таа што вообичаено ми ја наплатуваат. Од 288 денари, таксистот, по слободна проценка ја намали сумата на 230 денари.

скап такси превоз со попуст

Во разговор со еден од возачите, вечерва, јасно ми беше потенцирано дека бројот на повици во компанијата е драстично намален, па ако пред поскапувањето имале околу 500 повици во денот, после поскапувањето имаат само 100 дневно!

Ако таксистите мораат да даваат попуст, за крајните купувачи да ги користат нивните услуги, тогаш нема потреба од посебни показатели дека, последното поскапување на цените на такси-превозот, беше сосема непотребно. Да не „хејтам“, ама ова е уште еден #mkfail.

Низок притисок во напната атмосфера

Населението од повисоките делови на Радишани (во кое спаѓам и јас), со години има проблем со водоснабдувањето, во текот на пролетните и летните месеци од годината.

Штом ќе „пукне“ сонце, населението од подолните делови на населбата, добива речиси континуиран нагон да си игра со водата за пиење со која располага. Се вадат ниви, се мијат дворови, се мијат дури и улици. За сметка на тоа, горно Радишани има драстично намален притисок, а понекогаш е толку намален што е речиси невозможно да се тушираш. Водата, тенка како врвка, едвај тече и низ чешмата, па нема многу сила да истрае до „главата“ на тушот.

vodovod_kanalizacija_voda_polevanje

Фото: Дневник

Неофицијално, некој се сетил на овој наш проблем, баш за време на предизборието на парламентарните избори 2011. Исто така неофицијално, проблемот бил наводно откриен и се должел на нерамномерна распределба на притисокот на водотекот во различни делови од Радишани. Така, горно Радишани имало притисок 2, а долно Радишани – притисок 11! И затоа, постојано пукале цевки.

За среќа, сега кога проблемот е откриен, тој ќе бил решен во наредниве неколку недели.

Штом дошле на ред проблемите во Радишани, тогаш или сè друго е навистина реализирано или некому очајно му требаат прилики за сечење црвени ленти и прилики за јавни настапи. Punk’d!

Unity, Ubuntu, GNOME 3, Fedora

Мислам дека Canonical многу ја зафркна работата со Unity. Кога се работи за промени на корисничкиот интерфејс, мора да се избегнуваат радикални чекори и мора да се овозможи што е можно помазно преминување кон нова околина. Сметам дека Unity го оддалечува Ubuntu од „мејнстримот“.

Доколку планирате да ја надградите вашата дистрибуција на 11.04, имајте го предвид присуството на Unity и покрај тоа што постои начин да се вратите на основната работна околина.

За разлика од Unity, за мене GNOME Shell делува поимпресивно. Прва попопуларна дистрибуција што доаѓа со GNOME 3 е Fedora 15, што ќе биде објавена за неколку дена или поточно на 24 мај.

Сега засега останувам на Ubuntu 10.10. За понатаму ќе видиме. И да, му се радувам на GNOME 3.

Како се краде на бензинската на Макпетрол на Бутелска

Неколку пати по ред сум забележал дека, кога дополнувам гориво на бензинската пумпа на Макпетрол на улица Бутелска (бензинска пумпа бр. 64), упорно ми ставаат гориво за неколку денари помалку од тоа што го плаќам. Денес, платив и дополнителни 50 дени повеќе од вообичаено.

Дополнувам гориво за 2.000 денари, вработеното лице ми става гориво за 1.997,3 денари и ми испорачува фискална сметка од 2.000 денари и 50 дени, наплатена преку дебитна картичка.

makpetrol-krade-butel-gorivo-benzinska-pumpa

Каде и да дополнувам гориво на друго место, секогаш ми ставаат гориво за платената сума и плус неколку денари, во зависност од тоа колку е добар рефлексот на раката на вработеното лице. Дури и на други бензински пупми на Макпетрол, но не и на онаа на Бутелска.

И, еве ја математиката. Од 30 души по 3,2 денари, имаме безмалку „стоттче“ (96 денари), од 100 души – 320 денари (ете ја дневницата), од 300 – 960 денари итн.

А ќе си речеш, било случајно…