Што да направите ако Firefox (сѐ уште) ви троши многу меморија?

Кажете му како, самиот да си води сметка за меморијата што му стои на располагање, со додавање на следниов клуч во неговиот регистар.

browser.cache.memory.capacity

Отворете го регистарот на Firefox со повикување на „about:config“ (без наводници), преку лентата за внесување адреси. Потоа, потврдете дека ќе бидете внимателни со измените.

Со десното копче на глувчето, кликнете на било кој од постоечките клучеви и изберете „New“ и потоа „Integer“. Името на новиот клуч треба да биде „browser.cache.memory.capacity“ (без наводници), а неговата вредност „-1“ (без наводници).

firefox-browser-memory-cache-auto-manage

Со додавањето на овој клуч, вие му кажавте на Firefox дека сакате автоматски да одредува колку меморија ќе троши за чување на елементи од веќе вчитаните веб страници. Спротивно на тоа, доколку не сакате Firefox да ги чува во меморија овие елементи, наместо „-1“, за овој клуч треба да поставите вредност „0“ и тогаш Firefox повеќе ќе запишува на системскиот хард диск.

Со помош на „browser.cache.memory.capacity“, Firefox ќе ви работи побрзо и ќе биде многу поефикасен во ослободувањето на деловите од системската меморија што ги има зафатено, а инаку не ги користи.

Бизнис на македонски начин со „Message“

Работењето со маркетинг-агенции има свои предности и маани. Една од предностите е дека, како самостоен дизајнер, вие нема да треба да се грижите за комуникацијата со крајниот клиент и дека тоа ќе ѝ биде препуштено на самата агенција. Таа ќе се јави во улога на посредувач помеѓу вас, како извршител на сегмент од проектот или пак, на целиот проект и крајниот клиент, како купувач на производот. Ваквото посредување, колку што е предност, толку е и маана, доколку работите тргнат наопаку. А, наопаку, ќе тргнат каде ако не во Македонија.

Овој запис слободно можете да го означите (читајте тагувате) со „clients from hell“.

Самостојните дизајнери во нашата земја се редок вид, а верувам дека однесувањето на маркетинг-агенциите има голем удел во тоа. Човек треба да има челични нерви, да е лудачки претпазлив и да е многу упорен, доколку сака да опстои на „пазарот“ со нејасно дефинирани правила на игра… пазар, на којшто ретко кој знае што купува или пак што продава. Ваша среќа е ако соработувате со маркетинг-агенции, за коишто не е својствен претходниот опис.

Неодамна имав непријатно искуство со Message – мала маркетинг-агенција од Скопје.

Имам пракса, за секој започнат проект, да барам исплата, во две етапи – првата пред започнувањето и втората по завршувањето на проектот. Со авансната исплата се осигурувам дека клиентот е сериозен во својата дејност и се мотивирам, за целосно да се вложам во проектот.

Message ми беа специфични клиенти, по тоа што за нив правев отстапка во начинот на наплатување за мојот ангажман, бидејќи не беа во можност да ме исплаќаат авансно. Со Message досега имаме соработувано на неколку проекти.

Последниов пат, соработката се оствари со цел да се изработи визуелен идентитет за „Центар за обука на пилоти“ (на хеликоптери) – за потребите на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Прва етапа, требаше да биде изработката на лого.

Проектот ми беше презентиран како сериозен, а рокот за завршување како многу краток. Излегов со прецизна понуда и рок од 10 дена за завршување на проектот. За околу 4 дена, понудив три речиси финални решенија, за петтиот ден на барање на Message да понудам уште еден дополнителен дизајн.

Понудените дизајни можете да ги видите на сликата подолу.

centar-obuka-piloti-message-mvr-mon

Соработката се одвиваше без проблеми, сè до моментот кога Message ги понуди дизајните на крајниот клиент. Дизајните наишле на неочекувано лош прием од клиентите.

По првиот состанок на Message со крајните клиенти, ми беше навестено дека постои можност Message да се откаже од проектот, со напомена дека, без оглед на тоа, мојот ангажман ќе биде исплатен. Исто така, бев прашан дали сум сигурен во квалитетот на понудените дизајни и дали сум ослободен од сомнежи дека, сепак можело да се понудат подобри решенија. Одговорив дека во квалитетот сум сигурен и дека стојам зад понудените дизајни. Ова беше првпат, кога помислив дека комуникацијата почнува да станува сомнителна.

По вториот состанок, стана сосема јасно дека Message се откажува од проектот (затоа што крајните клиенти имале нејасно дефинирани очекувања и им држеле лекции по дизајн), како и дека, и мојот ангажман ќе мора да запре. Со тоа, спорни станаа две работи:

  • јас да бидам исплатен;
  • во колкав процент проектот може да се смета за завршен, па соодветно на тоа и да бидам исплатен;

Откако во телефонски разговор објаснив, зошто сметам дека треба да бидам исплатен за сработеното (иако во нормални околности, сметам дека, од тоа нема потреба) и успеав усно да се договорам да ми бидат исплатени 50% од вкупната цена на ангажманот, наидов на обид за манипулација со бруто/нето износи. Откако тоа го расчистивме, повторно спорен стана процентот во којшто треба да бидам исплатен за ангажманот. Моите 50%, за првомајските празници се претворија во 30% и комуникацијата во целост излезе од контрола.

На крајот донесов одлука да не ја прифаќам исплатата од 30% и да го напишам овој запис. На Message им напоменав дека за случката ќе ги разбере пошироката јавност.

Останува дополнително да одлучам дали ќе преземам некакви правни активности против Message.

На крајот, поуки за самостојни дизајнери:

  • не работете за маркетинг-агенции што не исплаќаат авансно во определен процент;
  • не работете за маркетинг-агенции што не покажуваат разбирање за вашите потреби;
  • не работете на проекти за коишто немате писмени договори; компаниите што нема да сакаат да склучат писмени договори, имаат потенцијал да станат „clients from hell“;
  • не плашете се јавно да ги откриете маркетинг-агенциите што ви нанеле штета или пак постапиле непрофесионално со вас; ако треба, специјално отворете блог за тоа;
  • не плашете се да одбиете соработка со сомнителни агенции, дури и во случај, очајно да ви требаат пари;
  • не работете со Message.

Звук на преден приклучок за слушалки во Ubuntu

После неколку-месечно малтретирање со предниот приклучок за слушалки, поради тоа што не ми работеше во Ubuntu (знае Дамјан), конечно имам добри вести! :)

Проблемот го решив со една линија код во /etc/modprobe.d/alsa-base.conf:

options snd-hda-intel model=ref-no-jd

За да успеам да разберам во што би можел да се состои проблемот, се послужив со официјалното упатство од Ubuntu. Потоа ги тестирав една по една опциите за мојата звучна картичка:

STAC9227/9228/9229/927x
=======================
  ref		Reference board
  ref-no-jd	Reference board without HP/Mic jack detection
  3stack	D965 3stack
  5stack	D965 5stack + SPDIF
  5stack-no-fp	D965 5stack without front panel
  dell-3stack	Dell Dimension E520
  dell-bios	Fixes with Dell BIOS setup
  volknob	Fixes with volume-knob widget 0x24
  auto		BIOS setup (default)

За тие што можеби сѐ уште имаат проблеми од овој тип, еве еден совет за поефикасно тестирање.

За да ја освежите конфигурацијата на драјверите за звучната картичка, нема потреба да го рестартирате компјутерот. Сѐ што треба да направите, е да ја превчитате ALSA, со помош на следнава команда:

sudo alsa force-reload

И тоа е сѐ! Ќе го постигнете истиот ефект од рестартирањето на компјутерот.

Ако некој има прашања на оваа тема, слободно нека ги постави. Можеби ќе можам да ги одговорам, иако имам релативно скромни познавања на темава.

М’рсул на сликање

Комуникација во МВР

Тууу… што народ! :/

Одам да се сликам за лична карта, седнувам на столчето за сликање, случајно допирам еден страничен дел од столчето и верувале или не закачувам на нечиј ТАЗЕ ИЗВАДЕН, СÈ УШТЕ ВЛАЖЕН, М’РСУЛ!