Забава за Mozilla Firefox 4

Доколку ја пропуштивте забавата за четвртата верзија на интернет прелистувачот Firefox, еве можност да видите како помина.

Видете ги и фотографиите на Новицa, како и оние на Мозила Македонија.

Сликовит приказ на балканската транзиција

Мислам дека, подобра слика на балканската транзиција досега немам видено на ниеден друг сериски филм, како што имам видено на „Vratice se rode“. Не сум се сетил порано да го споделам ова со вас, но еве се сетив сега.

Премотајте го првиот клип до 4.44 и погледнете. Ете ги сите „зафатени“ политичари, визионери, преродбеници, инвеститори… ете ги луѓето што работат за народот. Во Македонија, никогаш повеќе од сега немало вакви ликови, па можеби ќе биде корисно, сите да научиме да ги препознаваме.

Инаку извадоците се дел од десеттата епизода на „Vratice se rode“. Доколку сакате да ја изгледате серијата во целост, преземете ја преку овој торент.

Firefox 4 без анимации на табови

Сега, откако и официјално е објавена четвртата верзија на Mozilla Firefox, можете во целост да ги тестирате новите можности на ова издание. Во случај да се прашувате како може да се исклучат анимациите при отворањето и затворањето на табови, како и оние при отворањето и затворањето на групите со табови, еве го одговорот.

Отворете нов таб и повикајте го регистарот на Firefox со внесување на „about:config“. Потоа, пребарајте ги следниве два клучеви и изменете ги нивните вредности во „false“.

  • browser.panorama.animate_zoom
  • browser.tabs.animate

Со оваа измена, Firefox 4 ќе ви работи уште побрзо.

Запознај се со Firefox 4

Firefox 4 е одлично издание и ви препорачувам да го преземете што е можно поскоро.

ЗАМП – Музиката не е бесплатна

Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП има нова телевизиска кампања за промоција на почитувањето на авторските права.

Зад слоганот „Музиката не е бесплатна“, ред се редат „реномирани“ музичари од Република Македонија, што би требало на обичниот човек да му појаснат, зошто тој би требало да плаќа, за да ја слуша нивната музика (за да ги почитува нивните авторски права).

И додека во светот музичарите издаваат албуми бесплатно и ги дистрибуираат сосема слободно, кај нас, некој очигледно има премногу слободно време, штом се сетил да нè потсети дека музиката има парична вредност и дека само под услов таа вредност да биде исплаќана, е можно нејзиното создавање… и сето тоа фино да го обвие под превезот на авторските права.

Тој што навистина сака да создава музика [фала Бојан], во ниеден момент не се грижи дали ќе биде исплатен за своите дела. Музиката ја создава безусловно, под наплив на емоции и речиси нагонски. Тој што сака да продава музика, не е истиот човек.

Штетата што ќе биде нанесена со оваа кампања е голема. Луѓето што не се информирани и немаат став по прашањата што ги третира ЗАМП, многу лесно ќе бидат наведени на погрешен заклучок – дека музика може да се создава, единствено ако се има финансиски средства, односно ако се почитуваат извесни авторски права. Ни едното, ни другото не е точно.

Преземете некоја бесплатна апликација за правење музика и отсвирете нешто. Ќе видите дека, за тоа, нема да ви треба ни денар. Потоа објавете ја музиката на некој бесплатен сервис како што е Jamendo, па ако сте навистина добри, можете да постигнете и планетарен успех. Каде е ЗАМП во примеров? Го нема.

Приказната за авторските права е во функција на изнудувањето финансиски средства во името на уметноста. За тоа, кај Новица, секогаш има нешто повеќе да се прочита.