ЗАМП – Музиката не е бесплатна

Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП има нова телевизиска кампања за промоција на почитувањето на авторските права.

Зад слоганот „Музиката не е бесплатна“, ред се редат „реномирани“ музичари од Република Македонија, што би требало на обичниот човек да му појаснат, зошто тој би требало да плаќа, за да ја слуша нивната музика (за да ги почитува нивните авторски права).

И додека во светот музичарите издаваат албуми бесплатно и ги дистрибуираат сосема слободно, кај нас, некој очигледно има премногу слободно време, штом се сетил да нè потсети дека музиката има парична вредност и дека само под услов таа вредност да биде исплаќана, е можно нејзиното создавање… и сето тоа фино да го обвие под превезот на авторските права.

Тој што навистина сака да создава музика [фала Бојан], во ниеден момент не се грижи дали ќе биде исплатен за своите дела. Музиката ја создава безусловно, под наплив на емоции и речиси нагонски. Тој што сака да продава музика, не е истиот човек.

Штетата што ќе биде нанесена со оваа кампања е голема. Луѓето што не се информирани и немаат став по прашањата што ги третира ЗАМП, многу лесно ќе бидат наведени на погрешен заклучок – дека музика може да се создава, единствено ако се има финансиски средства, односно ако се почитуваат извесни авторски права. Ни едното, ни другото не е точно.

Преземете некоја бесплатна апликација за правење музика и отсвирете нешто. Ќе видите дека, за тоа, нема да ви треба ни денар. Потоа објавете ја музиката на некој бесплатен сервис како што е Jamendo, па ако сте навистина добри, можете да постигнете и планетарен успех. Каде е ЗАМП во примеров? Го нема.

Приказната за авторските права е во функција на изнудувањето финансиски средства во името на уметноста. За тоа, кај Новица, секогаш има нешто повеќе да се прочита.

Натпревар за официјална маичка за Firefox 4

Во еден претходен запис, спомнав дека, натпреварот за дизајн на официјална маичка за Mozilla Firefox 4 e сè уште во тек, а вчера успеав и да го изработам мојот предлог дизајн, наречен „Simply Four“.

Simply Four - Firefox 4 T-shirt Design - Goce Mitevski

„Simply Four“ - мојот предлог дизајн за официјална маичка на Firefox 4

Доколку ви се допаѓа, за него можете и да гласате. Би ви бил многу благодарен доколку помогнете во споделувањето на овој дизајн.

Инаку, дизајнот се базира на постоечки дизајн на промотивен постер [pdf] за Firefox 4. Идејата се роди на официјалната група на балканската заедница на Firefox – mozilla.community.balkans, за подоцна да биде прифатена и од глобалната заедница.

Првата локализација на постерот, колку што сум информиран, се случи во Шпанија.

Музика од Драган Ѓаконовски – Шпато

На Скопје 2011 – фестивалот на кој Македонија го избра својот евровизиски претставник, на Драган ЃаконовскиШпато, постхумно му беше доделена Награда за посебен придонес и ангажман. Но, тоа беше направено толку мизерно, што едноставно ќе беше подобро никој да не го спомнеше Шпато, во контекстот на циркузот на фестивалот.

Оливер го спомнува Шпато и ја соопштува одлуката за наградата… се чека некој да ја подигне наградата… доаѓа тој што ќе ја подигне наградата и во меѓувреме екстра талентираната водителка, не знам како успева да ги натемпира работите, но, точно во моментот кога треба да се поздрави со аплауз наградата за Шпато, го спомнува името на Тоше Проески… па следува аплауз, но не се знае за кого и за што… па потоа, човекот што ја подига наградата за Шпато, некако културно е набркан од сцената и се продолжува со разговор за ангели – бљак.

Драган Ѓаконовски - Шпато

Драган Ѓаконовски - Шпато

За среќа, причината заради која го пишувам записов, е поврзана со музиката на Шпато, а не со неговиот третман од македонските институции.

Пред некој месец решив да отворам онлајн директориум, којшто еден ден, се надевам, ќе стане значајна колекција со музика од овој голем македонски автор.

Доколку имате музика од Шпато, што би сакале да ја споделите, би ве замолил да оставите коментар на овој запис, за да можам дополнително да ве контактирам, музиката да биде поставена во директориумот и да стане достапна за сите.

Firefox 4 доаѓа овој март

И, додека подготовките за четвртото издание на интернет прелистувачот Mozilla Firefox се пред самиот крај, убаво е уште еднаш да се потсетиме, кои новитети ќе ги донесе досега најнапредната верзија на Firefox.

Сè поизвесно е дека ќе има и 13 издание во серијата Firefox 4 Beta, како и тоа дека ќе треба уште малку да почекаме, пред и официјално да биде објавена финалната тест-верзија oд Firefox 4 со ознака „release candidate“… но, како и да е, се брои на ситно, па, на Firefox 4 ќе му се радуваме набрзо.

Во продолжение ќе можете да прочитате за некои од најважните новини во Firefox 4.

firefox-4-beta-welcome

Изменет кориснички интерфејс

Да, Firefox 4 многу повеќе ќе наликува на Google Chrome и Opera во поглед на корисничкиот интерфејс, што не е воопшто лоша работа. Проверените позитивни концепти од Google Chrome и Opera, не му пречат никому.

Приказ на новиот кориснички интерфејс на Firefox 4

Firefox 4 доаѓа со поедноставен горен дел од прозорецот и подобро искористен простор за организација на копчињата на прелистувачот.

Организација на табови

Една од моите омилени нови можности кај Firefox 4, е можноста за едноставна организација и групирање на отворените табови [видео]. „Tab Candy“ или „Firefox Panorama“, како сакате, ќе го направи менаџирањето на отворените табови крајно едноставно и многу интерактивно.

Брзина

Google Chrome ја наметнува потребата од зголемена брзина при прикажувањето на веб-страниците, а Firefox 4 ќе биде многу соодветен одговор на таа „закачка“. Новиот „JägerMonkey“ би требало да го врати Firefox 4 на врвот на листата на многу брзи интернет прелистувачи.

Тест на брзината на Firefox 4

Користењето на Firefox 4 ќе биде во секој поглед побрзо, а ако сакате уште денес да се уверите во тоа, преземете ја последната верзија од серијата Firefox 4 Beta.

Синхронизирани насекаде

Firefox 4 е првата верзија од Mozilla Firefox, што ќе биде истовремено објавена и за „PC“ и за мобилни уреди, па можноста за водење на една, секогаш освежена, листа на обележувачи, историја, лозинки, па дури и отворени табови, на сите уреди на кои ќе го користите Firefox 4, ќе биде и тоа како добредојдена [видео].

Останати придобивки

  • поддршка за анимирани премини и трансформации со помош на CSS3;
  • поддршка за видео и аудио записи, преку HTML5;
  • поддршка за прикажување на богата 3D графика;
  • хардверски-забрзано прикажување на веб-страници со помош на OpenGL и DirectX;
  • користење на векторска (SVG) графика во вид на слики;
  • поддршка за користење на напредни можности при прикажувањето на букви (фонтови) од типот OpenType;

Доколку сакате и лично да се вклучите во промоцијата на Firefox 4, сè уште можете да му се придружите на тимот за промоција, а доколку сте креативни и сакате да се натпреварувате, можете и да се пријавите на натпреварот за дизајн на официјалната маичка за Firefox 4.