Граѓански револт

Граѓански револт од изјавите на Заев. Брееј… мајката!

А, јас пак мислев, ќе чуеме за граѓански револт кон постојаните зголемувања на цените на прехрамбените производи, горивата, електричната енергија, кон постојаното намалување на животниот стандард и осиромашување на масите, кон зголемувањето на невработеноста, кон заспаноста на властите, кон национализмот, кон нетолеранцијата, кон апатијата, кон загубените вредности, кон мрзеливоста, кон лагите и измамите, кон ситните души.

Море, поѓаволите со граѓанскиот револт!

Бесплатни слогани за EVN Macedonia

Ја користам оваа прилика да Ве известам дека и по 16 часа без електрична енергија, ние граѓаните од населба Радишани сме живи и здрави.

Би сакал да упатам голема благодарност до EVN Macedonia што сè почесто нè уверува и преку реални примери ни покажува дека упорноста во животот се исплати. За возврат, би сакал да ѝ подарам неколку бесплатни слогани, што би ѝ препорачал да ги употреби во идните телевизиски реклами за компанијата.

  • EVN Macedonia: „Запали си свеќа!“
  • EVN Macedonia: „Иде зима. Исцепени дрва да има!“
  • EVN Macedonia: „Системски прекин на сите ваши задоволства.“
  • EVN Macedonia: „Сметката иде, без разлика дали во ноќта се виде.“
  • EVN Macedonia: „Купете си батерии!“
  • EVN Macedonia: „Силно светнал ден, на периоди.“
  • EVN Macedonia: „Греј си душа, само не на струја!“
  • EVN Macedonia: „Тетово“
  • EVN Macedonia: „Легнете си порано, за да не морате подоцна!“
  • EVN Macedonia: „Зимски сон на дрва“
  • EVN Macedonia: „Ноќта е за спиење!“
  • EVN Macedonia: „Кој вели дека сè тече?“
  • EVN Macedonia: „Проблем во ноќта!“
  • EVN Macedonia: „Зимски сон со пречки“
  • EVN Macedonia: „Живот на батерии“

Размена на чек од Google Adsense

Доколку користите Google Adsense и имате добиено чек со одредена сума на пари, читајте, за да дознаете каква е банкарската процедура за размена на еден таков чек.

Јас бев во Тутунска банка и еве што сè ми требаше да го комплетирам моето барање за размена на чек од Google Adsense:

  • Потврда за примен чек за наплата од странство – физички лица
    Тоа е формулар на банката во кој се внесуваат лични податоци и податоци за чекот.
  • Наплата од 250 денари за електронски потпис
    Не ми е сосема јасно зошто процедурата опфаќа и електронски потпис, кога сè се одвива по пат на пошта и трае со недели.
  • Изјава за откуп/продажба на странски чекови
    Тоа е изјава со која практично се согласувате дека банката има право да ви ги одземе испорачаните средства, доколку се јават дополнителни проблеми откако е завршена исплатата.
  • Спецификација на чекови
    Тоа е потврда за извршен прием на чек од страна на банката – потпишувате за да потврдите дека сте го предале чекот на банката и дека таа го прифатила.

Откако „документацијата“ е комплетирана, се чека 2-3 недели за, ако сè биде во ред, парите да бидат исплатени на посочената трансакциска сметка.

Не знам каква е процедурата во останатите банки, но добро би било колку за споредба, да споделите ваши искуства на оваа тема.

Дополнување: Еве уште еден, нешто постар запис на истава тема – преку блогот „Panta Rei“.

Стари демократии

Денес дури и најстарите демократии на светот се глуви на потребата од промени. Секој пат кога ќе се појави отпор кон одредена т.н. реформа, се посегнува по пендраци и се врши јавно насилство над неистомислениците. Сепак, луѓето што протестираат се подготвени и пендраци да „кркаат“, зашто и покрај сè, сакаат да се чуе, тоа што тие имаат да го кажат. Кога ни со насилство, не можете да ги натерате луѓето да престанат да ви се противат, тогаш е јасно дека тие се убедени дека имаат нешто важно да ви кажат. Јасно е дека, ваш е пропустот, штом не можете тоа да го видите.

Редот не е привилегија на одредена категорија на луѓе, па само тие да знаат како би требало тој да се воспостави и одржува. Редот е состојба во која најголем број на луѓе се општо задоволни. Во ред се луѓето што во даден момент се задоволни од себеси и од опкружувањето.

Ако човек не може да најде вработување, тој не ќе може да биде во ред, затоа што најпрвин нема да биде задоволен од себеси. Дури и истиот тој човек, да не може да се вработи заради лична неквалификација, повторно државата е таа што дозволила човекот да остане неквалификуван.

Црвен тепих за граѓаните

Државата не служи за да нè шета по црвени теписи, еден ден во годината, а останатите 364 денови да не задушува во свет без избор, едноумие, свет исполнет со страв од промени. Ако не правиме промени, не можеме да очекуваме да напредуваме.

Затоа, наместо утре да се шетате по црвените владини теписи, со вашите калливи обувки, размислете што ви недостасува, што можете вие да промените, како можете лично да се инволвирате во подмладувањето на Македонија, која денес наликува на валкана стара жена со затки во ушите, сало во бутините и смрдлив здив од кој сите бегаат подалеку.