Реконструкција на лого: Стопанска Банка

Подолго време се подготвувам да напишам нешто за логото на Стопанска Банка. Прво затоа што ми се допаѓа и второ затоа што сметам дека е навистина креативно.

Но, да бидам попрецизен… Тоа што всушност ми се допаѓа е симболот што е создаден за ова лого и начинот на којшто е дојдено до него.

На сликата подолу е претставен оригиналниот симбол од логото на Стопанска Банка.

Симбол од лого на Стопанска Банка

Со внимателно набљудивање, лесно може да се заклучи дека во симболот на логото се содржани буквите „С“ и „Б“, односно попрецизно, во буквата „С“ е вметната буквата „Б“ и потоа групата од двете букви е свртена за 45 степени во спротивна насока од движењето на стрелките на часовникот. Погледнете ја сликата подолу и за кратко време ќе сфатите за што пишувам.

Составување на симбол за лого на Стопанска Банка

Дополнително, за да се прикрие очигледноста на направеното, а и за да се добие поедноставен облик, групата од буквите „С“ и „Б“ е пресечена на врвот и во подножјето и така се доаѓа до финалниот изглед.

Освен претходно наведеново, не можам да откријам некои други скриени, условно речено, пораки.

Немам информации чие дело е ова лого, па ако некој од вас знае, слободно нека наведе, оставајќи коментар.

Петре, тротоарите Петре!

„Срам да им е“ на сите што плукаат по Петре Латиновски. Господ „ќе ги казни“ оти зборуваат „невистини“! „Господ гледа“! Петре „работи чесно“ и секогаш „излегува во пресрет“ на барањата на граѓаните.

Ете, последниве 3 недели тротоарите ги копаат. Малку без врска што фати есен, ама „важно“ нешто се прави!

Ископани тротоари на автобуската во населба Радишани

Ископани тротоари на автобуската во населба Радишани

Мизерија, Петре! Мизерија! Јас знам, во двор кога поставувавме бекатонки, за еден ден завршивме работа и тоа со копање, тапкање, редење и финеси.

Ама, изгледа ова некоја виша сила со вас раководи.

Стапалото на големиот човек

Последниве неколку денови ми е толку напорно да следам вести и толку многу ме револтира тоа што во моментов се случува на нашата т.н. политичка сцена, што добивам силни нагони да изнапишам сè на блогов и да го претворам во пикадо за „државници“, „патриоти“ и останати големци од народните маси.

Едвај се воздржувам да направам будала од себе, емотивно и наивно носејќи еднострани заклучоци и етикетирајќи, навредувајќи, барајќи кривци, да презентирам спектакуларни откритија за природата на нештата во нашата држава.

Но, спектакл нема, а природата на нештата е мошне комплицирана, што те прави да се почувствуваш беспомошно, како мравка под стапалото на големиот човек.

Речиси и да сум сигурен дека во Македонија нема чесна политичка фигура, ниту пак индивидуалци што имаат желба да ја поведат толпата кон едно ново засолниште. Овчари има колку ти душа сака, но нас овчари не ни требаат.

Имаме мудри стопани од кои навистина може многу да се научи, но не за чесноста, правичноста и несебичноста. Нашите стопани се застарени видови – бета верзија што никогаш не дочекала свое финално издание. Но, зарем, не сме сите ние дел од бетата?

А, нечесно е некому да му ја одземеш шансата да ги искуси сите состојби на живеењето. Додека си богат, не знаеш како ќе ти биде кога ќе станеш сиромав. Додека си среќен не ти е многу важно што милиони други луѓе се несреќни. Кога почнуваат да ти се укажуваат шанси во животот, не си свесен дека всушност нив самиот ги создаваш. Кога напорно работиш за други и тоа е измачувачки, тешко разбирливо е дека маката всушност доаѓа одвнатре, од мислите на човекот на кој не му се работи и не му се создава, туку, му се троши.

Мене политиката очигледно ме мачи, затоа што не ја разбирам. Не разбирам како еден лидер може да се чувствува моќен, кога си поигрува со судбината на другите, кога најмалку што треба да чувствува е несигурност, поради огромната одговорност што му е дадена. Не разбирам ни како желбата да се остане засекогаш запаметен, може да се манифестира преку поставување камени и метални предмети наоколу. Воопшто не ја разбирам потребата да се идентификувам со симболи, чкртки и пароли. Но, веројатно од сите овие работи човек има потреба кога ја губи сигурноста во првичната идеја.

Врти сучи, пак се сведов на тоа од што на почетокот на овој запис се воздржував. Изгледа требаше да завршам некаде после „стапалото на големиот човек“. :)

Прирачник за изработка на бизнис план

Во моментов читам „Прирачник за изработка на бизнис план“ од Ѓорѓи Рафајловски и би сакал да го препорачам на сите што сметаат дека имаат потреба од вакoв тип на литература на македонски јазик.

<овде беше вгнездена верзија од книгата на Scribd />

Ќе се (обидам да се) воздржам од коментари во врска со тоа колкав #mkfail е всушност оваа книга и ќе ви препорачам убаво да се подготвите пред да почнете да ја читате.

Не се возбудувајте на неверојатно инвентивните печатни грешки, не правете „кисели“ лица на обидите на авторот да ве насмее, не се разочарувајте на, за момент, дрските обраќања од авторот и настојувате да се фокусирате на суштината на напишаното.

Причината заради која и покрај сè ја препорачувам оваа книга, се многубројните сосема издржани прашања, поставени на обработената тема.

Пријатно читање! :)

Дополнување: Бидејќи книгата е отстранета од Scribd, еве врска за преземање, што успеав да ја најдам на Wupload.