Прирачник за изработка на бизнис план

Во моментов читам „Прирачник за изработка на бизнис план“ од Ѓорѓи Рафајловски и би сакал да го препорачам на сите што сметаат дека имаат потреба од вакoв тип на литература на македонски јазик.

<овде беше вгнездена верзија од книгата на Scribd />

Ќе се (обидам да се) воздржам од коментари во врска со тоа колкав #mkfail е всушност оваа книга и ќе ви препорачам убаво да се подготвите пред да почнете да ја читате.

Не се возбудувајте на неверојатно инвентивните печатни грешки, не правете „кисели“ лица на обидите на авторот да ве насмее, не се разочарувајте на, за момент, дрските обраќања од авторот и настојувате да се фокусирате на суштината на напишаното.

Причината заради која и покрај сè ја препорачувам оваа книга, се многубројните сосема издржани прашања, поставени на обработената тема.

Пријатно читање! :)

Дополнување: Бидејќи книгата е отстранета од Scribd, еве врска за преземање, што успеав да ја најдам на Wupload.

Компромис

Навистина не ми е јасно, зошто зборот компромис има толку голема тежина за македонските граѓани? Па, решив да истражам…

Еве како Wikipedia го дефинира компромисот:

To compromise is to make a deal where one person gives up part of his or her demand. In arguments, compromise is a concept of finding agreement through communication, through a mutual acceptance of terms—often involving variations from an original goal or desire.

Па потоа се наведени културолошките разлики околу сфаќањето на значењето на терминот:

Cultural background and influences, the meaning and perception of the word “compromise” may be different: In the UK, Ireland and Commonwealth countries the word “compromise” has a positive meaning (as a consent, an agreement where both parties win something); in the USA it may rather have negative connotations (as both parties lose something)

Претпоставувам дека за нас Македонците, проблематичен е аспектот на давање. Со земањето никогаш сме немале проблем. Земаш што ти се нуди, земаш што можеш да земеш, земаш што останало, па кога нема повеќе што да се зема, чекаш додека да се појави. Ново, не создаваш! Тоа друг ти го дава.

Ние сме многу големи партнери со САД, па затоа изгледа си го сфаќаме терминот во негативна конотација.

Преземање слики од МakFax

MaxFax користи чудна техника за да го оневозможи прикажувањето на трајните врски до сликите од нивниот веб-сајт.

Ако се обидете со десен клик и „View Image“ на било која слика, да ја отворите сликата во нов таб, нема да успеете. Наместо да бидете пренасочени кон новиот таб и во него да биде прикажана сликата што сте ја повикале, ќе ви се отвори прозорец за преземање на датотека со чудно име. Тоа се случува зашто MakFax криејќи го името и целосната патека до сликата, на мое големо изненадување, ви ја нуди на преземање самата слика.

преземање слика од MakFax

Ќе речете, па од каде ни нуди можност да ја преземеме самата слика, кога датотеката што ни се нуди за преземање не е слика?

Навидум, не станува збор за слика, но ако ја преземете датотеката и го промените нејзиниот тип (екстензија) во „jpg“, всушност ќе можете да ја прегледувате самата слика. Претпоставувам дека ова е така зашто, во заглавието, датотеката е дефинирана како „jpg“ слика.

слика од MakFax со погрешно заглавие

На тој начин можете и да ги видите во оригинална големина, минијатурните слики што MakFax ги поставува на сопствениот веб-сајт.

Претпоставувам дека MakFax со оваа техника, сака да ги заштити сопствените слики од употреба на други веб-сајтови и да ги ограничи корисниците да поставуваат врски до нив. Сепак ако некогаш имате потреба да го заобиколите овој механизам на заштита, сега знаете како.

Дополнување: Се чини дека, опишаната техника важи само во Mozilla Firefox. Во Internet Explorer и Opera, опциите за приказ на сликата во посебен таб се оневозможени, а пак во Google Chrome прикажувањето на сликата во посебен таб е без никакви пречки. Им отворив работа на MakFax, a?

Колкав ти е хонорарот за Скопје 2014?

Една работа никако да им стане јасна на сите „уметници“, инволвирани во проектот Скопје 2014.

„Уметниците“ се навредени и крајно изненадени, секогаш, кога некој новинар ќе се осуди да биде доволно дрзок и да го постави прашањето за хонорарот што го зеле, за да го произведат сопственото дело, за целите на проектот Скопје 2014. Се кочат, прават неартикулирани движења, се чешаат, превртуваат очи…

Не само што нема никаква причина за изненаденост, а уште помалку за навреденост, туку ценетите „уметници“ имаат обврска да ја соопштат вредноста на хонорарот, бидејќи него го добиваат од државни пари, од парите на јавноста, која инаку и сака да ја дознае бараната информација.

Дрскоста е во случајот на страната на „уметниците“, зашто упорно го драматизираат регуларното прашање и го сведуваат на домашно невоспитување или некултура.

Кога проектите би биле нарачани од приватна фирма, тогаш „уметниците“ „можат“ да изберат да се раководат од извесна политика за необјавување на тајни информации и да осудуваат за некултура. Но, во случајот со Скопје 2014 едноставно немаат избор.

Мислам дека граѓаните од Скопје се тотално збунети од ова однесување, па на моменти дури и го оправдуваат, со образложението дека „новинарите си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Новинарите постојат за да „си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Во изминативе неколку години, видовме што значи кога новинарите не го прават тоа – тотален колапс на системот, самоволие, корупциски скандали, непотизам до бескрај…

Па, почитувани сограѓани, пред да почнете со поделбите и да застанете на страната на „уметниците“ сетете се дека парите коишто тие ги добиваат како хонорар, се обезбедени преку даноците што сите ние ги плаќаме. Новинарите, какви такви, се вашите пријатели, па можете само да бидете благодарни што некои од нив се доволно храбри да му пркосат на самоволието на оваа нетранспарентна власт.

Во случајот со Скопје 2014, постои само една апсолутна вистина, а тоа е: проектот е профитабилен.

Дополнување: Овој напис не можете да го пронајдете со помош на Google бидејќи е цензуриран. Им благодарам на тие што го пријавиле како проблематичен, зашто со тоа дополнително му даваат на значење. Му благодарам и на Новица, што го објави овој запис и на неговиот блог.