How fast does your PC boot?

Направив едно кратко промотивно видео за Ubuntu. Идејата ја добив експериментирајќи со новото лого на Ubuntu.

How fast does your PC boot? – Ubuntu from Goce Mitevski on Vimeo.

Анимацијата на логото е изработенa во 3ds max, а рендериранa со V-ray, па потоа сè е споено и доисполирано во Adobe After Effects и Adobe Premiere. Димензиите на видеото се нестандардни, а на нив ме наведе премногу долгиот временски период (над 16 часа) што беше потребен за мазно да се изрендерира вртењето на логото со motion blur.

Се надевам дека наскоро ќе можам да изрендерирам и HD верзија со драстично подобар квалитет.

Видеото го има и на YouTube, но со послаб квалитет од оној на Vimeo.

CableFail

Како е возможно, да треба да потпишам изјава дека не сакам да бидам корисник на CableTel, ако никогаш претходно не сум бил корисник на CableTel?

Или некој е многу глуп во CableTel или луѓето откриле фин начин да придобијат корисници.

Како откажан корисник на услугите на локалната кабелска телевизија „ТВ Медија“, која пред извесно време беше купена од страна на CableTel, јас најверојатно сè уште фигурирам во нечии листи на корисници и од мене се бара да појдам во CableTel, да потпишам писмена изјава и да потврдам дека не сакам да бидам корисник на услугите на CableTel.

Сè почна откако за минатиот месец добив сметка за кабловска телевизија од CableTel, на која како што реков ниту сум, ниту пак имам намера да станам корисник. Се јавив и пријавив, па ми рекоа да појдам и да потпишам изјава. Реков дека немам намера да го правам тоа, дека станува збор за недоразбирање од нивна страна и дека самите ќе треба да си најдат чаре. Рекоа дека сè е во ред, дека нема проблем и дека ќе сределе.

Денес повторно ми се јавија да ми кажат да појдам и да потпишам изјава. Повторно реков дека нема да појдам и дека не сакам да потпишувам никаква писмена изјава, по што добив „фала – пријатно“ и повикот беше прекинат.

Имам чувство дека наскоро, некој повторно ќе се јави за истава работа.

Има ли некоја институција каде што можам да го пријавам ваквото однесување на CableTel?

The Graphs 2

По речиси двонеделен интензивен ангажман ја завршив втората верзија од „The Graphs” и изработив посебна страница на која отсега па натаму ќе бидат достапни сите наредни верзии од оваа бесплатна колекција на графици.

На почетокот…

Уште кога почнав да ја работам првата верзија од „The Graphs“, идејата ми беше да направам што е можно повеќе, слободно достапни „калапи“ за брзо и едноставно генерирање убави и применливи графици. Сепак, работата со графиците од првата колекција беше релативно тешка, од причина што, беа изработени во 3D Studio Max и беше потребно познавање како на овој софтверски пакет, така и на енџинот за рендерирање – V-ray. Да не зборувам пак за тоа, колку се „шушкави“ цените за легално поседување на лиценци за овие две софтверски апликации. Можеби тоа нема реално значење во Македонија, но во остатокот од светот има.

Така, првата колекција од „The Graphs” остана применлива само во границите на графиците што доаѓаа со изворните датотеки и што беа достапни како претходно рендерирани PNG слики. Ретко, ако не и никаде, на Интернет не можеа да се видат модификации на „калапите“ од првата верзија. Сепак, првото издание беше доволно успешно, за да ми стане инспирација за една пофлексибилна имплементација на идејата за „The Graphs”.

Што е различно во „The Graphs 2”?

Најголем дел од коментарите на читателите на Smashing Magazine, каде што и беше објавено првото издание на графиците, беа позитивни, но имаше и критички коментари што од денешна гледна точка, се сосема релевантни. Критиките имаа и најголемо влијание да донесам одлука за радикални промени во имплементацијата и да ги претворам графиците од пикселски (т.е. растерски) во векторски творби. Тоа, од практична гледна точка, меѓу другото, значи и целосна флексибилност при прикажувањето на графиците во било кои димензии. А така, стануваат применливи и во дизајните за печатење.

Прогресивно, кај графиците од второто издание, е што се достапни и во форматот SVG (Scalable Vector Graphics), што во комбинација со HTML5 ги прави широко применливи како векторски графички елементи во веб-страниците.

Благодарение на напредните опции за создавање графици во Adobe Illustrator, „The Graphs 2“ се навистина едноставно менливи. Со само неколку кликови во Adobe Illustrator е можно да се добијат персонализирани графици со релевантни вредности.

Сепак, изработката не одеше толку мазно, но за тоа се надевам дека ќе имам прилика да напишам повеќе во иден гостински запис на Smashing Magazine.

Што од сето ова?

Освен личното задоволство, верувам дека сосема заслужено ќе ја имам благодарноста од голем број луѓе на светот и на многумина ќе им го направам животот полесен.

Официјалната страница на The Graphs 2 денес стана популарна врска на Delicious со околу 30 зачувувања, до моментот додека го пишувам текстов, имам над 1630 посети од 86 земји во светот и повеќе од 480 преземања. А, веќе ја добив и првата донација!

Сè почна, со само еден твит на Smashing Magazine, претпладнево.

Се надевам дека овој запис ќе делува инспиративно на многубројните млади уметници и дизајнери од Македонија, кои верувам дека имаат капацитет да го променат светот. Секогаш кога имате вредна креација, сетете се на Интернет!

RMS во Скопје – 3 јуни 2010

Еве неколку од моите фотографии од настапот на Richard Stallman. Штета што на панорамата (на крајот) има неколку грешки. Сепак, воопшто не очекував дека ќе биде можно фотографиите да се спојат, од причина што публиката (нормално) постојано се движеше додека фотографирав. Ама, ги спои, верувале или не, Microsoft ICE (Hugin и Adobe Photoshop CS5 даваа полоши резултати). ;)

Искрено се надевам дека на многумина од присутните, по овој настан, им стана многу појасно зошто е важно да се чува слободата и што тоа во пракса всушност значи.