Стечаен сообраќај

Вчерашната драматична изјава на овој господин и општото однесување на „граѓаните“ на протестот на стечајците се за секаков прекор. Како не разбирате дека со тоа што денес попречувате нечие право, одобрувате во иднина истото право да ви биде вам попречено?

Кога човеков вели: „Јас за тоа господине не сум крив што вие немате пари!“ покажува дека е збунет. Виновен сте господине вие, виновен сум јас, виновни сме сите што упорно замижуваме пред неизвесноста, ја губиме човечноста, ја славиме себичноста.

  • Зошто на стечаецот би му било гајле што вие сте со дете во автомобил, а вас не ви е гајле што тој нема ни автомобил?
  • Зошто е срамота што во моментот не можете да стигнете до вашата цел, а не е срамота што вие директно ја оспорувате туѓата цел?
  • Зошто барате отстапки, кога отстапки не правите?

Штом овие луѓе дошле да ги бараат сопствените права на вака недостоинствен начин, значи дека немаат подобар избор. Не значи дека се одлучиле на ваков чекор за да им прават штета на своите сограѓани. На стечајците им треба внимание, а не игнорирање.

На полицијата не и е работа да ги покори стечајците, туку напротив, да ги заштити и да им овозможи да ги остварат сопствените права. Само полицијата (една од најдобрите на светот), како и обично не си ја работи сопствената работа…

Изгубени

Заврши Lost. Задоволен сум од тоа што имав прилика да го видам во последната епизода, зашто очекував полош крај. Иако во последните две сезони имаше исклучително слаби епизоди што едвај поминуваа, како целина, Lost за мене е успешен проект.

Доколку не сте ја гледале последната епизода од Lost, не читајте понатаму бидејќи има спојлери.

Последната епизода од Lost во голема мера ми се допадна, но не ми се допадна тоа што е ставен преголемиот акцент на мистицизмот. Истото, не ми се допаѓаше и кај Battlestar Gallactica. Нешто цркви, крстови, икони, света вода, света светлина, богови… Но, кај Lost полесно ми е да го прифатам тоа што го видов, бидејќи ја имам следнава теорија.

Островот е границата, или привремената зона во која престојуваат изгубените души пред да си го најдат сопственото место во животот по смртта. Бидејќи е премногу обемно да се претстави лутањето на секоја од засегнатите души поединечно (мислам на сите поважни ликови во Lost), земена е една централна изгубена душа (Jack) и претставен е нејзиниот престој во привремената зона. На тој начин се допира и во животите на останатите души – преку интеракцијата што тие ја остваруваат со Jack. Бидејќи душите се изгубени, поминуваат низ добро и низ лошо, сè додека не го најдат вистинскиот пат до конечното ослободување, до нирваната.

Со мисливе одам дотаму, што ми се чини дека целокупното дејство во серијата е производ на мозокот на Jack, како изговор за празниот живот што го има оставено зад себе. Бидејќи Jack на крајот на последната епизода се враќа на истото место, во истата поза каде што за прв пат се наоѓа на островот, некако логично ми е, ништо, од тоа што сме го гледале низ епизодите, навистина да не се случило, туку мозокот на Jack сè сам да има произведено во краткитe мигови, пред конечно да се предаде и целосно да „згасне“.

Ликови во измислената драма се сите патници на летот 815 со кои Jack на било каков начин остварува (дури и минимална) интеракција. Во драмата се присутни и неколку други клучни ликови во животот на Jack, како на пример, неговиот татко. Се разбира, таму се и сите ликови што на некаков начин се поврзани со животите на останатите изгубени души. Без нив ми е некако тешко изводливо да се претстават комплицираните врски низ епизодите…

Реакциите на гледачите на Lost, после финалето, се различни и одат во секакви крајности. Сепак, важно е што серијата и понатаму отвора дискусии и ги тера луѓето да бараат одговори.

Што мислите вие? Како всушност заврши Lost?

Викенд 08090510

Да си го документирам викендов…

Благодарение на T-homе, ова беше еден од оние викенди што не ги поминувам пред компјутер.

Зошто благодарение на T-home?

Па, бидејќи почнувајќи од 12 часот во сабота, 8 мај 2010 год., па сè до вечерта во недела, 9 мај 2010 год. (т.е. до пред малку) имав сериозни проблеми со телефонската линија обезбедена од T-home, а како резултат на тоа речиси едвај имав пристап до интернет.

Проблемот го пријавивме во саботата и ни беше дадено до знаење дека сервисните служби на оваа розова компанија работат до 16 часот во сабота (и по моја претпоставка, не работат во недела), што значеше неизвесност за нашата комуникација. Телефонски сигнал немавме, т.е. постојано ни даваше „зафатено“, за надворешните повикувачи бевме достапни преку пораката „телефонскиот вод се сервисира“, а понекогаш кога доаѓаше сигнал, сите излезни повици се завршуваа со фамозното „зафатено“.

T-home ти благодарам што си епски #mkfail и што се грижиш за моето здравје. Јас не сум секогаш способен да откријам кога ми е потребна интензивна физичка активност, кога треба да планинарам, кога не треба да комуницирам по електронски пат. Ти благодарам што ти ја преземаш одговорноста да ме потсетиш на тие малку подзаборавени вредности. Ти благодарам што ми даваш шанса и доволно долго време да почнам и да завршам поинакви активности. Едноставно, ти благодарам што во мојата телефонска сметка од речиси три илјади денари вклучуваш неизвесности, разни изненадувања и гратис self-help пакети.

Проблеми со телефонската линија сè уште имам, а интернет нешто почнува да капе.

How to Train Your Dragon

How to Train Your Dragon“ e еден од поновите и поквалитетни анимирани филмови. За мене беше вистинско освежување и силно го препорачувам секому.

Во филмот на поедноставен начин е разработена мошне сериозна тема – мегусебната толеранција. Денес кога човештвото не може да се освести пред предизвиците на иднината и не умее да разбере дека толеранцијата помеѓу луѓето е еден од најважните предуслови за опстанок на цивилизацијата, ваквите ремек дела умеат да остават белег и со тоа, барем малку, да ја променат насоката во која тргнало човештвото.

Важно е да се негуваат разликите, а не да се пребришат. Важно е да се најде заеднички јазик, дури и кога не може да се зборува. Важно е младите да размислуваат различно од постарите и се разбира, важно е да си помагаат. Конечно, важно е да се негуваат храброста, несебичноста и здравиот разум.

incredible! certainly the front runner for the best animated film of the year. from the first to the last frame this film is as good as an animated film gets on almost every level. beautifully written, designed and executed. though an incredible movie, it’s not quite perfection – probably due to time and budget limitations (is there ever enough of either?). that said, the problems i had are far too few to mention. if dragon doesn’t absolutely slay at the box office i’ll lose faith in middle America.

congrats to the filmmakers – you’ve made a masterpiece and you made me feel like a kid again. thank you.

axel_foley