Модерни системи за поскапи услуги

Модернизацијата на системот на услуги на компанијата EVN Македонија е последната голема глупост што помина премолчена од заспаните македонски новинари. Досега не сретнав некои посериозни реакции на оваа тема на блогосферава, па во продолжение ќе се обидам да објаснам зошто модернизацијата на EVN Македонија е државно одобрен грабеж.

Да почнам од најочигледните работи.

EVN Македонија:

  • бара наплата за потрошена електрична енергија за месец што сè уште не се случил;
  • ги пресметува крајните вредности на сметките за месец април врз основа на прогнози што никому не му се познати;
  • бара разбирање од корисниците без нудење на некакви придобивки за нив;
  • очекува корисниците да имаат разбирање за промените, зашто тие наводно ќе донесат подобра иднина, но никој не може со сигурност да каже дека подобрата иднина навистина ќе се случи.

Почнувајќи од тоа дека се бара наплата за непонудена и неискористена услуга, па сè до ветувањата за подобрувања на жими мајка, ова однесување на EVN Македонија како никогаш досега требаше да ја возбуди Владата на Република Македонија и да го радикализира нејзиното однесување кон оваа странска компанија. Барем уште еднаш да го слушневме Премиерот да нѝ каже дека „ЕВН е еден од најлошите странски инвеститори во Република Македонија“. Но, ништо од тоа не се случи. Нормално, нема ни во иднина да се случи.

Владата на Република Македонија преку државните компании ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) и МЕПСО (Македонски електро-преносен систем оператор), остварува заработувачка од продажбата на електричната енергија која до крајните корисници ја дистрибуира EVN Македонија. И еве го штосот. Зошто Владата би се откажала од заработувачката, кога може истата да ја зголеми. Еве како тоа се прави.

Лани во месец април нашата сметка за електрична енергија изнесуваше 2,244 ден. На 7 април 2010 година, врз основа на прогнозите на EVN Македонија, добивме сметка за електрична енергија од 5,458.50 ден. Значи, за месец април, 2010, ние плаќаме 3,214.50 ден. повеќе. Во овој случај не ги земам во предвид поскапувањата на електричната енергија од (ми се чини) 11%.

Од само 50,000 семејства што условно би се нашле во слична позиција како нашето, од априлските сметки за електрична енергија, EVN Македонија заедно со ЕЛЕМ и МЕПСО, ќе заработи дополнителни 160,725,000 ден. или тоа се приближно 2,613,414€. Ако знаеме дека речиси 56% од заработувачката оди во ЕЛЕМ, тогаш слободно можеме да заклучиме дека ЕЛЕМ, а со тоа и државата, од разбирањето на нашиве 50,000 граѓани дополнително заработува речиси 1,463,511€. Од 500,000 вакви граѓани државата може да заработи 14,635,121€.

Државата како никогаш досега нема пари и како никогаш досега бескомпромисно и континуирано го намалува животниот стандард на граѓаните. Го сецира и онака скромниот месечен семеен буџет. Ако Владата на Република Македонија преку ЕЛЕМ го полни празниот буџет, тогаш дава школски пример на корупција и организиран криминал.

И така странува сосема јасно зошто треба и ние да покажеме разбирање за испадите на EVN Македонија. За неписмените кадри на Владата да можат да возат побесни џипови, да лудуваат со нив по распуканите улици, па потоа да ги напуштат родните грутки, да се стекнат со поголеми имоти во Скопје и на крајот да пукнат од храната што нема да можат да ја дојадат, а ќе имаат прилика како никогаш дотогаш. Тогаш ни крстот, ни знамето, ни верата, ни МПЦ нема да може да ги спаси.

Македонските телевизии на Интернет се #mkfail

A1 на Интернет е #mkfail затоа што:

  • често објавува вести што содржат неточни информации;
  • често објавува вести што се шпекулации;
  • често објавува нелекторирани текстови, со печатни грешки дури и во ударните наслови;
  • користи Windows Media Player за видео прилозите од вестите;
  • не нуди можност за прегледување на емисии од сопствената продукција (освен за Студио 2 и дебатите од вестите);
  • презентира текстуални информации во облик на слики (на пример програмата за A2 телевизија);

Алфа на Интернет е #mkfail затоа што:

  • има веб-сајт со многу лоша оптимизација;
  • при прегледување на вгнездените видео прилози, интернет прелистувачот може во целост да ви се закочи; прегледувањето на вгнездените видео прилози е толку споро што по првите неколку секунди видео клиповите се претвораат во слајд-шоу; сите видео клипови на веб-сајтот на Алфа се вчитуваат веднаш, без да се почека корисникот да ја иницира репродукцијата;
  • нуди можност за прегледување само на некои од изминатите емисии од сопствената продукција;

Сител на Интернет е #mkfail затоа што:

  • често објавува вести што содржат неточни информации;
  • често објавува вести што се шпекулации;
  • често објавува „колумни“ на автори што немаат елементарна култура;
  • промовира турбо-фолк, џигераши и се обидува да прави сензации од најголемите глупости во Македонија и во светот;
  • не нуди можност за прегледување на емисии од сопствената продукција.

Телма на Интернет е #mkfail затоа што:

  • има убедливо најнедоправен веб-сајт од сите ТВ медиуми (со исклучок на МТВ, но МТВ не е медиум, туку слуга);
  • не нуди можност за прегледување на сите емисии од сопствената продукција и покрај тоа што едни од најдобрите емисии во етерот се емитуваат токму на Телма;
  • не нуди можност за гледање видео исечоци од вестите, туку нуди единствен видео запис од 30-тина минути што не може да се премотува (додека целиот не биде вчитан).

Канал 5 на Интернет е #mkfail затоа што:

  • објавува вести што содржат неточни информации;
  • објавува вести што се шпекулации;
  • има еднодимензионален новинарски пристап;
  • дел од видео клипови на веб-сајтот на Канал 5 се вчитуваат веднаш, без да се почека корисникот да ја иницира репродукцијата;

МТВ на Интернет е #epicmkfail.

Дај 10% покажи 28,2% – Vip

Интересен пропуст е направен на последната реклама на мобилниот оператор Vip. Имено, на рекламата на сликовит начин е прикажана дополнителната вредност на кредит што ја добивате доколку се решите да користите т.н. е-ваучер за дополнување. Но, визуелната репрезентација е математички некоректна, како што и може да се види од приложената слика.

На овој начин гледачот на рекламата е практично измамен, бидејќи му се сугерира на поголема од реалната вредност на придобивките со коишто би се стекнал со користењето на т.н. е-ваучер. Поедноставно кажано нему му се покажува дека добива повеќе од тоа што навистина му следува.

Пропустот може да е направен намерно и ненамерно. Намерно бил направен зашто немало простор каде да се смести текстот „10%“ и тој да биде доволно голем за да биде забележлив. Ненамерно бил направен зашто никој не се сетил да пресмета дали, делот кон кој се сугерира како на добивка, ја отсликува реалната вредност.

Стечајни денови

Денес на вести се изнагледав возрасни луѓе што имаат изгубено многу во животот, од истата држава за која го дале животот. Некој дал повеќе, некој помалку. Важно е што сите на свој начин учествувале во градењето на ова вечно настинато општество. И сигурен сум дека да знаеле како да го оздрават, одамна ќе го направеле тоа.

Навистина ми е жал што колективната свест ни е на многу ниско ниво и би сакал да поставам неколку прашања.

  • Зошто богатите граѓани не излезат на протести со своите сограѓани – стечајци?
  • Зошто граѓаните не излезат да се буткаат гради в гради со полицијата кога најголем дел од нив се незадоволни?
  • Зошто не сакаме да разбереме дека денешните осакатени млади генерации за 30 години ќе станат исто така стечајци ако нешто, денес не се преземе?
  • Зошто никому не му е гајле за никого?
  • Зарем сиромашните граѓани не заслужуваат повеќе од тоа што денес го имаат?
  • Зарем богатите граѓани никогаш не биле сиромашни?
  • Зарем уште ни се потребни убедувања во тоа дека политичарите се такви какви што народот ќе ги направи?

Сакам следниот Премиер на Република Македонија да биде образован, доблесен, искрен човек, што ќе умее да разбере во што се состои улогата што ја презема.