Против EVN

Денес, во дел од Радишани немаше струја од околу 8 часот наутро, до 23 часот. Остварив 4 повици кон EVN. Првиот пат ми најавија дека се работи за сериозен проблем. Вториот пат ме излажаа дека до 18 часот проблемот ќе биде решен. На третото јавување ми рекоа дека само што им јавиле дека проблемот ќе биде решен до 22 часот. И конечно, кога се jавив после 22 часот, ми рекоа дека немаат информација кога ќе биде решен проблемот, но се очекува тоа да се случи во текот на вечерта (јас би рекол ноќта).

Објаснувањето инаку беше дека изгорела трафостаница, дека станува збор за сериозен проблем и голем дефект и дека активно се работи на решавање на проблемот.

Компанија што 15 часа не може да реши проблем, не треба да постои, не треба да си го губи времето и не треба да ги искористува граѓаните. Таквата компанија има неквалификуван кадар, работи нетемелно и проблемите не ги решава систематски. Таквата компанија не анализира и не претпоставува. Таквата компанија работи на памет.

Да живеев во нормална земја каде што нема правна несигурност, со сигурност ќе поднесев приватна тужба против компанијата EVN. За нивна среќа, а и заради нашите ценети, неписмени и ненаситни власти, денес единствено што можам да правам е да се жалам на беспомошната ситуација во која ми беше наложено да се најдам.

Дополнување: Во 00:45 (07.02.2010) повторно снема струја и немаше сè до пред малку т.е. до 14 часот (07.02.2010). Значи, приближно 29 часа без електрична енергија!

Јавно здравство 2010

Користењето на услугите од јавното здравство во нашава држава е како со сила правење на будала. Не се за џабе кажани сите критики за нефункционирањето на системот, што во денешно време може да се слушнат од вистински и самонаречени експерти и од обични граѓани.

Денес, еден човек раскажа во што се состои неговиот проблем. Примен бил за операција на кила, но веќе два дена бил оставен да лежи во Градска болница без никаква храна, чекајќи го сопствениот ред на листата на „презафатените“ „доктори“. Кога конечно се видел со неговиот доктор и побарал да биде опериран побрзо, докторот му рекол: „Ако сакаш побрзо ќе си платиш 600 – 700 евра!“ И толку. Човекот, најверојатно ќе ја напушти болницата (ќе биде отпуштен од болницата зашто во моментов нема слободно место за операција на кила) и ќе биде примен повторно штом ќе се засити апетитот на лакомите доктори, па ќе бидат расположени да работат „за џабе“. Тоа што човекот има проблеми со здравјето, кои во било кој момент може да се искомплицираат никому не му е пречка.

Ако човекот се сетеше на името на неговиот доктор, ќе го наведев во овој запис. Од претпазливост или од страв, човекот не кажа име и за жал главната информација во овој запис недостасува.

Ваквите проблеми во системот може да ги реши само оној што умее да разбере во што тие се состојат. Сите театри пред јавноста за борба против корупцијата, сè помалку се уверливи и еднаш едноставно ќе мора да запрат! Само, кога?

Врти, сучи, бучи

Не се согласувам со актуелното барање на македонските медиуми. Ќе речам, дека е испад, основан на незнаење и неразбирање на придобивките од новите технологии. Ќе речам дека е обид за наметнување на правила на однесување. Ќе речам и дека е во согласност со актуелниот тренд на промовирање на едноумие и бирократија во Република Македонија.

Агрегаторите на содржини директно и недвосмислено носат поголема посетеност на веб-сајтовите на опфатените медиуми, а не како што самите медиуми велат, дека е обратното.

На обичните граѓани агрегаторите им нудат можност за:

  • брзо прегледување на најновите вести;
  • согледување на различни пристапи кон одредена тема;
  • откривање на содржини до кои инаку потешко се стигнува.

Агрегаторите на содржини се базираат на компјутерски алгоритми кои не го земаат во предвид тоа што Канал 5 е на Стојменов или пак што Сител е на Ѕинго.

Знам, проблем е што се нема контрола над агрегаторите и над нивните алгоритми. Секогаш е проблем кога се нема контрола над нешто. Секогаш во средини што се утепани од долгогодишна транзиција. Секогаш – во Македонија.

Да прашам:

  • Што ако Time.mk беше на Стојменов?
  • Што ако Seavus не го купеше Makfax?
  • Што ако Daily.mk беше на Сител?
  • Што ако некој ги собереше сите македонски медиуми на една отворена дебата и им направеше презентација на технологијата на агрегација на вести?
  • Дали тогаш немаше да се проблематизира преземањето на содржини?

И конечно, дали медиумите во Македонија сакаат да имаат финансиски придобивки од агрегацијата на нивните вести, па затоа се толку бучни? Ако е така, што тогаш вртат одоколу?

Чаирска гимнастика

Почитувани сограѓани на оштина Чаир,

Ве молам, научете дека:

  • десната лента од коловозот не служи за паркирање на возила;
  • десната лента од коловозот не служи за претекнување;
  • во левата лента од коловозот не се движат автомобили што ги управуваат малоумни, мрзеливи и плашливи сограѓани, туку напротив, сограѓани кои избираат да не бидат дел од тензијата што се генерира во десната – маневарска – лента од коловозот;
  • трепкачите („жмигавците“) на автомобилите служат за сигнализација и сосема е нормално и очекувано да ги употребувате кога се исклучувате и вклучувате во сообраќајот. Исто така, трепкачи е потребно да употребувате кога правите најразлични движења за кои не можете да очекувате да бидат „прочитани“ или предвидени од страна на другите учесници во сообраќајот;
  • сосема е во ред, да му дадете предност на некој сограѓанин – исто така, учесник во сообраќајот;
  • бескрајно примитивно, е да се лутите, да се навредувате и да се расправате кога некој сограѓанин ќе ви свирне побрзо да го движите вашето прекрасно Бе-Ем-Ве, и конечно,
  • Чаир не е на локалните шерифи, што се на целодневен престој по локалните кафани, туку е на граѓаните. А, граѓаните, еднаш и засекогаш треба да почнат да кажуваат кога нешто им пречи.

Ми пречи што, секогаш кога поминувам низ Чаир, морам да бидам сведок на безредие, некултура, селанство, насилство и фашизам.