Дополнителни компоненти во Firefox

Читајќи го „Претпазливо со опасни Firefox додатоци“, решив да проверам што стои во мојата листа на дополнителни компоненти во Firefox. Иако од самиот Firefox, веќе бев предупреден за опасноста на која предупредува IТ.com.mk и сомнителната компонента кај мене е веќе деактивирана, сепак листата на дополнителни компоненти ми е преполна со елементи за кои ниту сум побарал да ми бидат додадени, ниту пак ми било предочено кога биле додадени. Еве накусо што открив за елементите што ми беа сомнителни и непознати во Firefox 3.5.3 на Windows XP.

дополнителни компоненти во мојот Firefox

2007 Microsoft Office system – додаток на Microsoft Office 2007; овозможува преглед на Office документи директно во Firefox… што би му дошло исто како кога директно во Firefox се прегледува PDF документ.

Google Earth Plugin – додаток на Google Earth; овозможува користење на Google Earth директно во Firefox.

Google Update – додаток на Google Chrome; овозможува поедноставна инсталација на Chrome од Firefox, на тој начин што директно ги презема сите потребни датотеки пред почетокот на инсталацијата или надградбата на Chrome, без притоа да бара одобрување од корисникот.

Microsoft DRM (DRM Netscape Network Object и DRM Store Netscape Plugin) – додатоци на Windows Media Player; овозможуваат преслушување или пак купување на аудио и видео записи – заштитени со DRM; овој елемент не се однесува на репродукцијата на сите аудио и видео записи за кои се користи Windows Media Player.

Mozilla Default Plug-in – додаток на Mozilla Firefox; се користи кога на корисникот му недостасува некој од основните додатоци за Firefox и кога корисникот треба да биде предупреден на тоа.

Picasa – додаток на Google Picasa; се користи за размена на податоци помеѓу десктоп апликацијата и Picasa Web Albums преку Firefox; би требало да го доближи користењето на Picasa Web Albums со користењето на десктоп апликацијата.

Windows Media Player Plug-in Dynamic Link Library – додаток на Windows Media Player; се користи за прикажување на вгнездени (embedded) Windows Media содржини, и за аудио и за видео записи; доколку е оневозможен, на местото кадешто треба да биде прикажана вгнездената содржина ќе биде прикажано следново предупредување: „The plugin for this content has been disabled. Click here to manage your plugins.“.

Windows Presentation Foundation – додаток на Microsoft WPF; Mozilla и Microsoft препорачуваат да биде оневозможен, поради тоа што го загрозува користењето на Firefox; од неодамна се наоѓа на листата на блокирани додатоци за Firefox, на што Firefox од верзијата 3.5.3 предупредува автоматски; ако сакате, можете и да го избришете.

Останатите додатоци припаѓаат на листата на основни додатоци за Firefox, па доколку ве интересира, повеќе прочитајте на страницата на Mozilla.

Се надевам дека овие информации ќе ви бидат од помош.

Патем, IT.com.mk треба под итно да поработат на оптимизацијата на сопствениот веб сајт. Ми се закочи Firefox…

„9“ – Shane Acker (2009)

9“ ме разочара. Навистина очекував повеќе од долгометражниот анимиран филм. Кога првпат го видов краткометражниот филм во 2005 година, бев фасциниран од концептот, приказната и атмосферата во филмот. Денес, гледам дека тие елементи, во меѓувреме, претрпeле драстични измени заради кои „9“ се претворил во потпросечна приказна за мали деца. Мислам дека, во денешно време, ни малите деца не сакаат да гледаат приказни што се повторуваат толку често, што стануваат бескрајно здодевни.

Nine

Долгометражниот филм е некако посветол. Претпоставувам дека баш поради тоа, анимацијата изгледа поевтино – ѝ се гледаат повеќе маани. Со тоа што ликовите зборуваат, во целост е уништена непредвидливоста на филмот. Сите „нови“ ликови се целосно безлични. Многу малку се знае зошто е таква состојбата во околниот свет, што би можело да ја промени, или пак зошто постојат платнените куклички? Исто така, не мислам дека Shane Acker е добар во раскажување на долги приказни.

Како и да е, сè уште ми се допаѓа концептот со платнените куклучки, особено објаснувањето за тоа, како тие ја добиле својата душа.

Гостивар, 1997


Гостивар, 1997 – 1 дел


Гостивар, 1997 – 2 дел


Гостивар, 1997 – 3 дел

Сите остаревте (мислам на политичарите) и уште памет не ви дојде. Уште потрагично е што денес сè помалку се разбирате едните со другите.

Кога би им дале шанса на обичните луѓе да се едуцираат квалитетно, тие никогаш не би дошле во состојба да потпаѓаат под простачки влијанија – луѓето би мислеле со своите глави. Се прашувам, колку од обичните граѓани Албанци прочитале што навистина пишува во проблематичната енциклопедија и колку навистина се засегнати од тоа? Исто така, се прашувам колку примитивни се македонските академици што учествувале во пишувањето на енциклопедијата, кога очигледно изнапишале неточни информации?

Оној што забранува, тој се плаши.

Според Википедија, државно знаме се пали:

  • како реакција кон надворешната политика на државата;
  • како реакција против законски забрани;
  • како реакција против национализам;
  • како реакција против актуелната влада или државното уредување;
  • како реакција и наменска навреда кон народот на државата;
  • како реакција за промоција на нечии права.

Во најчест случај, палењето на државното знаме, во земјата чиешто знаме е запалено, се разбира како државна закана. Навистина не разбирам зошто? Ниту живееме како племиња, ниту сме заостанати како во времето кога симболите биле единствениот начин на промовирање разлика, ниту пак имаме потреба со сила да се правиме будали. Ако Албанците на протестот, во четврток (1 октомври 2009) го запалат македонското знаме, тоа единствено ќе покаже дека немаат трунка почит кон државата, за којашто велат дека ја делиме. И тогаш, сосема ќе бидат оправдани денешните протести во Тетово каде се скандирало: „умрете каури“, „вештачка нација“, „Дарданија, Чемерија, Далмација, етничка Албанија“, „Илирида“ и „Голема Албанија“.

Антихрист

Има денови кога ме обзема чувство потешко и од најтешката депресија – презир кон луѓето. Да ви кажам што презирам и кого презирам: современиот човек кому, за несреќа, јас сум му современик. Се задушувам во нечистиот здив на современиот човек. Кон минатото се однесувам како и сите други, го толерирам, да речам, со благородна самоконтрола, со голема претпазливост поминувам низ илјадници години од оваа лудница наречена христијанство, „христијанска вера“ или „христијанска црква“, не можам да речам дека го обвинувам човештвото за неговите лудости. Но моите чувства се менуваат во моментот кога навлегувам во современите времиња, во нашите времиња. Нашево време е попаметно… Она што порано било болно, сега станува недолично, недолично е да се биде христијанин денес. Ми се гади од ова. Гледам околу себе. Нема веќе ниту еден збор од она што некогаш се нарекуваше „вистина“, не можеш веќе да слушнеш некој свештеник да го изговара тој збор. И најскромниот човек кој се стреми да биде чесен мора да знае дека еден теолог, свештеник или поп не само што не знае да зборува, туку и лаже и тој веќе не може да се прикрива зад зборовите „невиност“ или „незнаење“. Свештеникот многу добро знае, исто како и секој друг човек, дека не постои некојси „Бог“ или „грев“ или некојси „Спасител“, дека „слободната волја“ и „моралниот ред во светот“ се лаги – сериозното размислување, длабокото самопокорување на духот дозволува ниту еден човек да не се преправа дека не го знае тоа. Всушност, гледаме какви се сите идеи на црквата. Како најлошото лажно постоење да е создадено за обезвреднување на природата и на нејзините вредности; го гледаме свештеникот таков каков што е, како најопасниот вид паразит, како отровен пајак на создавањето… знаеме, а и нашата совест знае, колку само вредеа сите овие грешни зданија на свештеникот и на црквата и за што служеа со нивното обезвреднување на народот до состојба на самозагадување, ни се гади од нив – поимите „оној свет“, „страшен суд“, „бесмртност на душата“, самата „душа“: постојат премногу начини на измачување, системи на суровост благодарение на кои свештеникот беше и остана господар… Секој го знае ова, но и покрај тоа, сè останува по старо.

Каде се изгуби чувството за пристојност, за самопочит, кога нашите државници или, поинаку кажано, несекојдневната класа на луѓе и нехристијани докажани на дело, и ден-денес се нарекуваат себеси христијани и одат на причесна? Еден владетел на чело на неговата војска е величенствен како изразот на егоизам и ароганција на неговите луѓе, а сепак признава, без никаков срам, дека е христијанин! Тогаш кој го порекнува христијанството? Што е „свет“ за него? Да бидеш војник, да бидеш судија, патриот, да се браниш себеси, да се држиш до својата чесност, да извлечеш корист од некого, да бидеш горд… сè што правиме секојдневно, секој инстинкт, секоја вредност која се прикажува на дело, сега е нехристијанска: каков искривоколчен лажливец е современиот човек штом, и покрај сè, бесрамно се нарекува себеси христијанин.

стр. 56 – 59 – „Антихрист“ – Фридрих Ниче (Ѓурѓа)