Едубунту

Само што имав прилика да ја погледнам првата емисија од проектот „Едубунту“ на ФОН Универзитет (МТВ1 – 10:30 и 14:30 | МТВ2 – 9:30 и 13:00). Не ми е јасно, зошто проектот е толку евтино продукциски изведен? Не ми е јасно ни, како Министерството за информатичко општество воопшто исплатило средства за олку несериозен проект?

Емисиите се изработени според книгата Edubuntu Linux & Open Office од С. Арсеновски и Ѓ. Какашевски, и упатствата за Едубунту апликациите изработени од ФОН Универзитет. Тие се наменети за учениците од основното и средното образование, студентите, наставниците, но и за целата јавност и сите оние кои ќе се сретнат со оперативниот систем Едубунту (Убунту) или некој друг Linux систем. Станува збор за 40 краткометражни емисии со времетраење од 15 минути, изработени во најсовремена техника и според најсовремени стандарди за е-учење. Со ова, емисиите освен што ќе бидат прикажувани на ТВ, ќе бидат искористени за дистрибуција и учење и на други медиуми како ДВД дискови и системи за е-учење.

Вие, ни техника сте виделе, ни стандарди. И немојте да се лажете дека македонските граѓани се наивни или пак дека не заслужуваат подобро.

Навистина ми е жал, што на врвен едукативен софтвер како што е Edubuntu, му е даден толку примитивен третман.

Емисиите се уште еден допринос во користењето и развојот на слободниот софтвер во Р. Македонија, а за ФОН Универзитет доказ дека е лидер во оваа област и активен учесник во современите образовни процеси во државата.

И не е, единствено важно нешто да се направи. И тоа како е важно, како тоа ќе се направи.

Фибула

Доколку некогаш имате потреба од туристички аранжмани за Египет, во никој случај немојте да помислите на туристичката агенција „Фибула“. Не верувам дека состојбата во останатите туристички агенции во Македонија е драстично поразлична, но бидејќи услугите на „Фибула“ лично ги искусив, за нив и ќе пишувам.

Што може да ви понуди „Фибула“?

  • лаги;
  • недоречености;
  • празни ветувања;
  • превисоки цени;
  • необучени водичи;
  • непрофесионална услуга;
  • прескапи факултативни излети/посети.

Како тоа изгледа во пракса?

  • сте платиле за „all inclusive“ аранжман – ве сместуваат во хотел, во кој треба да си ги плаќате пијалоците (вклучително и водата);
  • сте платиле за хотел со четири ѕвезди – ве сместуваат во хотел што едвај заслужува две;
  • на ден пред поаѓањето, авионскиот лет се одложува за неколку часа – со тоа наместо напладне, на туристичката дестинација, стигнувате навечер;
  • вашиот туристички водич е незаинтересиран за вас – потребно е да се изложувате на дополнителни трошоци, за да стапите во контакт со него;
  • редовната програма за посети на знаменитости и популарни локалитети е толку многу набиена, што се претвора во прежувување, наместо во уживање.
  • вашиот туристички водич не знае да зборува македонски јазик, итн.

Никогаш повеќе со „Фибула“!

TOSMI ’09

Се вратив од Софија, каде престојував осум дена и земав активно учество на TOSMI (Training in Open Source Multimedia Tools) ’09. Оваа обука за мене е од особено значење, бидејќи конечно имав прилика сериозно да му пристапам на Blender и да го запознаам темелно.

Учестував на последниот курс од овогодинешната програма – „Blender for Game Artists“, кој се одржа во периодот од 24 – 30 август 2009 година. Организацијата беше одлична, а предавањата на моменти дури и преобемни. Работевме во два одделни тима. Секој тим требаше да создаде сопствена игра, базиранана на една од трите предложени идеи. Нашиот тим одбра да изработи логичка игра, што ќе се базира на приказна за книга за алхемија. Играта ја завршивме, речиси во целост, па штом ќе биде објавена како официјално издание на TOSMI, ќе ја објавам во рамките на овој (или можеби и во посебен) запис.

По овој курс, слободно можам да кажам дека Blender е една од најдобрите апликации за три-де визуелизација. Има бројни предности пред другите комерцијални апликации, како 3ds max, Maya, LightWave итн, а има и вграден енџин за игри со што е овозможено создавање на видео игри директно во Blender. Blender ќе биде видно освежен со верзијата 2.5 која треба да биде објавена есенва. \0/

Не ми се допадна тоа што некои од организаторите (млади и едуцирани луѓе) си земаа за право, јавно да го дефинираат потеклото на македонскиот јазик и македонската држава како дел од бугарската историја. Да бев од Северозападна Европа, ќе речев дека на TOSMI ’09 имаше етничка дискриминација.

According to the United Nations conventions, there is no distinction between the term racial discrimination and ethnic discrimination.

@Wikipedia

Бугарска виза

Доколку сакате да аплицирате за добивање на бугарска виза во Скопје, потребно е да закажете термин на специјалниот телефонски број 058 058 555. Аплицирањето за виза трае до 12:30 часот во текот на работниот ден. Закажувањето термин не е бесплатно и ќе ве чини 50 ден. +18% ддв, по минута разговор. Еден повик е невозможно да трае помалку од 3 минути, затоа што телефонски ви ги земаат потребните податоци. Колку што сум запознаен, истиот телефонски број служи и како инфо центар на бугарската амбасада.

Потребната документација за аплицирање, подразбира:

  • апликација за добивање бугарска виза (бесплатна; се подигнува на самото место и е напишана на бугарски јазик);
  • 1 слика;
  • важечки пасош;
  • копија од важечкиот пасош;
  • копија од здравствено осигурување;
  • покана од бугарска страна (доколку не одите како турист).