Mozilla Firefox во „безбеден режим“

Mozilla Firefox е одлична софтверска апликација, но често заради различни додатоци може да стане многу проблематична. Иако постои многу ефикасен механизам за брзо и едноставно деактивирање на проблематичните додатоци, понекогаш може да се јави потреба од дополнителни интервенции во основните нагодувања на апликацијата, а токму од тие причини постои т.н. „безбеден режим“ (оригинално – „safe mode“) на Mozilla Firefox.

Основната идеја на безбедниот режим е да овозможи користење на Mozilla Firefox без активни додатоци од било кој тип. Дополнително, преку стартувањето во безбедниот режим, овозможено е враќање на основните преференци на Mozilla Firefox. Оваа можност е многу практична кога сакате да направите целосно ресетирање на Firefox и да го вратите во основниот облик, во кој ви бил оригинално испорачан.

Firefox 3 безбеден режим

За целосно ресетирање, стартувајте го Firefox во „безбеден режим“ и означете ги сите достапни опции (прикажани на сликата погоре). На крајот, изберете „Направи ги промените и рестартирај“ (оригинално – „Make changes and Restart“). Со тоа успешно сте го вратиле Firefox на основата. Направените измени се неповратни, па пред да ги извршите размислете дали се навистина потребни.

Во продолжение, еве и кратко објаснување за секоја од достапните опции, во рамките на прозорецот за стартување во безбеден режим.

  • Оневозможи ги сите додатоци – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа сите инсталирани додатоци ќе бидат исклучени (но не и избришани).
  • Ресетирај ги алатниците и контролите – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа, сите промени на алатниците (големина на контроли (копчиња), позиција на контроли итн.) ќе бидат поништени.
  • Врати ги обележувачите на основните обележувачи на Firefox – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа, ќе бидат избришани сите дополнителни обележувачи, a ќе бидат вратени основните на Firefox.
  • Врати ги сите кориснички преференци на основните преференци на Firefox – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа сите преференци во Firefox, ќе бидат вратени на основните вредности.
  • Врати ги оригиналните сервиси за пребарување – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа ќе бидат вратени сите основни сервиси за пребарување што, намерно или ненамерно, сте ги избришале.

За дополнителни информации на оваа тема, погледнете го оригиналниот запис од прирачниците на Mozilla.

На крајот едно мало потсетување дека утре, на 30 јуни 2009, ќе биде објавена долго очекуваната верзија 3.5 од Mozilla Firefox.

Мајкл Џексон на некролог

Простете, но ова ми е смешно. :) Во денешен „Дневник“…

MJ

Дома

Home“ е документарен филм за планетата Земја. Во него на многу сликовит начин се прикажани последиците од човековото дивеење низ светот, во последниве 50-тина години. Ми се допаѓа тоа што филмот е ослободен од потребата да се создава светска паника и повикува на активно користење на нашите умови.

Би ви препорачал на сите, да го погледнете. Филмот е во целост достапен на YouTube, а можете да го погледнете и на официјалниот веб сајт (што му доаѓа исто…). И конечно, доколку сметате дека има потреба, дајте ѝ поддршка на фондацијата што стои зад филмот – „GoodPlanet“, со зачленување во нејзината група на Facebook, на пример…

Persepolis

Persepolis“ е еден од подобрите анимирани филмови што ги имам гледaно во последно време.

Интересен е затоа што нема блиски точки со Дизниевите приказни и не им е наменет првенствено на најмладите или барем не на начин на кој тоа вообичаено се прави преку анимираните филмови.

„Persepolis“ видео на YouTube

Приказната е сместена во 70-те години на минатиот век, во времето на Иранската (Исламската) револуција. Отсликан е животот на Marjane ‘Marji’ Statrapi со сите негови искачувања и падови. Просто неверојатно е колку автентично се доловени базичните човечки емоции и состојби во овој анимиран филм. Посебен акцент е ставен на оттуѓувањето на луѓето и на тоа како негативните промени во општеството, активно придонесуваат, за оттуѓувањето сè поинтензивно да се случува.

„Persepolis“ е номиниран на Оскар 2008, во категоријата „Најдобар анимиран филм на годината“, има добиено уште 24 други номинации и 15 признанија и награди.

За некого можеби и нема да биде толку интересен, но мене ми се виде многу актуелен, зашто она што денес се случува во Македонија, не е многу далеку и многу поразлично од тоа што се случувало во Иран во 1979 година.

Сепак, ви го препорачувам.