За Windows 7

Деновиве постојано се појавуваат разни рецензии за успешноста на првата бета верзија од идниот оперативен систем на Microsoft – Windows 7, па читајќи голем дел од нив почувствував дека треба да се истакнат неколку факти:

  • Windows 7 во основата е Windows Vista;
  • Windows 7 не ги намалува масивните хардверски побарувања (види прва точка);
  • Ако имате постар компјутер што работи непречено на Windows XP тогаш тој нема да работи непречено на Windows 7 (види прва точка), но ќе работи супер на Ubuntu, на пример;
  • Windows 7 во моментов не е и најверојатно нема ни да биде побрз оперативен систем од Windows XP (види прва точка);
  • Windows 7 и понатаму користи огромен дел од системската меморија за обавување на основните операции (види прва точка);
  • Мисијата на Windows 7 е да создаде претстава дека новиот Windows е темелно сработен (види прва точка);
  • Доколку не ви се допадна корисничкиот интерфејс на Windows Vista нема да ви се допадне ни оној на Windows 7 (види прва точка);
  • Со Windows 7, Microsoft се бори против сопствените изданија и никако не допира или пак влијае на позитивниот тренд на прифаќање на софтверот со отворен код;
  • Со Windows 7, Microsoft се обидува да си го поврати угледот;
  • Со Windows 7, Microsoft уште еднаш ќе покаже дека нема капацитет на сериозен играч, но сепак ќе успее и овојпат да се извлече на стара слава;
  • По објавувањето на Windows 7 и понатаму ќе се зголемува бројот на ГНУ/Линукс корисници;

Ars Тechnica има навлезено подлабоко во темава и најголем дел од горните заклучоци ќе ги прочитате и во тој текст.

Лично сметам дека нема подобро време за да се започне со проучување на Ubuntu или на некоја друга ГНУ/Линукс дистрибуција од периодов пред да биде објавен „новиот“ Windows. Агонијата на Microsoft ќе продолжи и во понатамошните години. Во тоа сум сигурен.

Ако ви е страв да пробате да сработите нешто на ГНУ/Линукс начин, помислете само колку од времето го губите во чекање на Windows да исцрта прозорци, да ископира датотеки, да прикаже менија, да се исклучи…

Сигурно не се полудени луѓето што велат дека да се работи во ГНУ/Линукс е поефикасно, побрзо, попродуктивно. Сепак потребно е да се има во предвид дека учењето на нов оперативен систем, не е процес што би се случил преку ноќ.

Исто

Сè уште не сум запознал човек што ќе го скрши митот дека Никола Груевски е херој.

Што не значи дека таков човек нема. Сепак, јасно ми е дека таков човек во блискава иднина нема да се појави во јавноста. Не зашто нема да биде храбар, туку зашто ќе нема кому да се обрати. Во нашава земја се случува масовно перење на мозоци. Постои општ впечаток дека нешто позитивно се случува, иако сите фактори укажуваат на спротивното. Постои впечаток дека животот на земјоделците се подобрил. Постои впечаток дека платите пораснале. Постои впечаток дека се бележи економски раст. Но постои и впечаток дека граѓаните престанале да ги користат сопствените мозоци и се препуштиле на милоста на Херојот на Македонците.

Ако малку подлабоко се навлезе во проблемот, лесно се доаѓа до заклучокот дека ние повторно растеме едно мало дете на кое му дале да си игра политичар. Всушност, голем дел од симптомите што Никола Груевски ги покажува се идентични на тие на Бранко Црвенковски во неговите луди години.

Сепак целта не ми е да ги анализирам нив. Си ја бркаат тие својата „работа“. Прашањето ми е, што прават другите луѓе во оваа држава? Дали читаат книги? Дали гледаат филмови? Дали работат на сопствената едукација? Дали имаат претстава како е да се помине Нова година без петарди? Дали се свесни дека пукањето на петарди на Нова година е идентично со пукањето со пиштоли на свадба? Дали знаат дека постојано ги прават истите грешки и дека во изминативе без малку дваесеттина години не научиле ама баш ништо ново за себе? Дали мислат дека е можно повторно да погрешиле? Дали имаат желба да се променат? Дали знаат што треба промената да значи? Дали веруваат во подобар живот преку ноќ? Дали знаат што да прават со парите? Дали се свесни дека работа за 15,000 денари не е вредна ако не предизвикува среќа? Дали знаат дека животот не се состои во трпење на притисок, па предизвикување на притисок каде што има простор за тоа? Дали се свесни дека Господ нема да ги казни ако не им се допаѓала музиката на Тоше? Дали знаат зошто оставаат потомство? Дали знаат дека тоа по автоматизам не значи дека ги поседуваат телата и животите на тие деца? Дали сакаат едноумие? Дали знаат што тоа значи? Дали помислиле од каде им се мотивите на луѓето да зборуваат лошо за Никола Груевски? Дали навистина почувствувале подобрувања во здравјето откако однеле 2 килограми зејтин во најблиската црква? Дали знаат зошто одат во црква? Дали се свесни дека неуспехот на домашните политичари не е ништо повеќе од неуспех на самиот народ? Дали знаат дека тие ги избираат политичарите? Дали знаат дека секоја грешка што политичарите би ја направиле е грешка на самиот народ? Дали го оправдуваат тоа што средношколците бегаат од часови? Дали се виделе со своите деца? Дали знаат зошто купиле компјутер? Дали знаат зошто им треба Интернет? Дали сè уште гледаат „Вртелешка“? Дали помислиле на тоа дека гледањето телевизија е гледање на тоа што друг за нив избира? Дали можеби се запрашале каков човек е тој што го прави изборот на ТВ програма? Дали тој човек воопшто е способен за тоа што го прави или и тој работи за 15,000 денари па не му е многу гајле? Дали граѓаните се свесни дека живеат на планета што е составен дел на нешто многу, многу поголемо? Дали граѓаните сакаат да бидат дел од масата или подобро се чувствуваат како единки? Дали знаат што значи да се биде единка? Дали се горди на некои свои особини или лесно потпаѓаат под влијанијата на околината и уште полесно се променуваат? Дали знаат за што ги бива? Дали можеби имаат идеја што би правеле во остатокот од животот? Дали имаат храброст да се спротивстават? Дали им текнува кога последен пат биле на туристичко патување? Дали таквите патувања ги сметаат за луксуз или за нешто што нормално му следува на секој човек што сака да истражува? Дали одат во Грција? Дали би се тепале ако некој ги нарече Фиромјани? Дали им се ситат на Грците за немирите и земјотресите што им се случуваат? Дали се свесни дека младите генерации во светот се отидени светлосни години пред нашиве? Дали се мрзеливи? Дали се љубоморни? Дали им е полесно кога на соседот ќе му ја ограбат куќата? Дали се свесни дека спикерите на вести не треба да прават грешки на секој збор? Дали се плашат од тишината? Дали им е поедноставно да редат неврзани зборови едноподруго или да молчат? Дали умеат да носат одговорност? Дали му веруваат на Љубе Бошковски? Дали го сметаат за образован и способен човек? Дали веруваат дека во политиката има пари? Затоа ли гледаат вести по 3-5 пати на ден? Дали веруваат дека има еден единствен човек на светов што е најпаметен? …

Кому точно му се насочени овие прашања? Секому. Иако до секого нема да стигнат.

Како да го доведете Firefox до совршенство?

firefox_victory_thumb

Иницијални подготовки

Доколку не знаете што е Firefox, информирајте се веднаш на некоја од следниве врски:

Доколку користите постара верзија на Firefox, надградете ја со верзијата 3.

Доколку барате специјална јазична верзија од Firefox, истражете ја листата на достапни локализирани верзии.

Доколку користите екстерен менаџер за преземање, запознајте се со downThemAll!.

Доколку сте слушнале дека Firefox користи многу меморија и е многу спор прелистувач, читајте понатаму.

На почеток…

Стартувајте го Firefox и во адресната линија внесете: „about:config” (без наводници). Со тоа се повикува регистарот на Firefox преку кој е овозможено напредно менување на нагодувањата. Со користење на „about:config“, Firefox може да се направи да работи значително побрзо и поефикасно во споредба со испорачаната основна и неменувана верзија. Сепак, тоа е оставено на изборот на корисникот. Затоа и тој е предупреден пред да му биде дозволено да прави измени во регистарот.

Регистарот располага со постоечки вредности од 3 различни типови:

  • целобројни вредности (integer)
  • точно или неточно вредности (boolean)
  • тектуални вредности (string)

Дозволено е и создавање на нови вредности од истите 3 типови. Создавањето на нова вредност е овозможено со десен клик на било кој дел од површината на регистарот и избирање на соодветната вредност од менито New.

Промените што ќе бидат опишани во продолжение опфаќаат менување на постоечки вредности од регистарот или создавање на нови вредности. Дали се работи за промена на постоечка вредност или задавање на нова е посочено во дадениот контекст за секоја од опишаните промени.

Брзина

Firefox e сериозно брз интернет прелистувач, а со следниве неколку измени тој може да ги прикажува веб страниците уште побрзо. Пронајдете ги следниве постоечки вредности во регистерот и изменете ги нивните основни вредности на следниов начин:

  • network.http.pipelining” во “true
  • network.http.proxy.pipelining” во “true
  • network.http.pipelining.maxrequests” во “8
  • network.http.max-connections” во “48
  • network.http.max-connections-per-server” во “20
  • network.http.max-persistent-connections-per-server” во “8

Дополнително, треба да се додаде нова вредност од тип „точно или неточно“:

  • network.http.pipelining.firstrequest” во “true

Со овие неколку измени, значително се зголемува количеството на информации што Firefox во еден момент може да го преземе, а со тоа и директно се влијае на брзината на читање веб страници.

На брзината на исцртување на веб страници може да се влијае преку постоечката вредност „nglayout.initialpaint.delay“. Вредноста е дефинирана како цел број на милисекунди, а инаку го претставува временскиот интервал кој треба да помине за Firefox да почне со исцртување на елементите на една веб страница. Доколку оваа вредност се дефинира како 0 (нула), тогаш задоцнување нема да има. Препорачано е вредноста на „nglayout.initialpaint.delay“ да изнесува 125, за да се добие впечатокот дека Firefox одеднаш ги исцртува целосните веб страници. Задоцнувањето е само 125 милисекунди, а визуелниот ефект е значителен. Се разбира некому тоа може и да не му се допаѓа, па во таков случај препорачаната вредност е 0 (нула).

Функционалности

Со објавувањето на Firefox 3 беа воведени новини во работната околина на прелистувачот и сосема беа сменети некои од постоечките функционалности.

На пример: адресната линија се претвори во поле за пребарување низ личните обележувачи и веб страниците што се запишани во историјата на Firefox. Адресната линија во Firefox 3 доби проширена намена и популарно беше наречена „awesome bar“. Со помош на менување на вредности од регистарот на Firefox, можно е дополнително проширување на намената на адресната линија.

Ако вредноста „browser.urlbar.autofill“, што веќе постои во регистарот на Firefox, ја смениме во „true“, адресната линија автоматски ќе ги допишува адресите на веб сајтовите што сме почнале да ги испишуваме.

Понатаму, доколку сакаме адресната линија да дава повеќе предлози за веќе посетени страници и обележувачи, постоечката целобројна вредност „browser.urlbar.maxRichResults“ можеме да ја промениме со вредност што нам ни одговара. На пример, за адресната линија да дава само 5 предлози, вредноста „browser.urlbar.maxRichResults“ ја менуваме во 5.

Уште една функционалност што е деактивирана во основната верзија на Firefox и што може по потреба и по желба на корисникот да се активира, е можноста за проверка на правопис во полињата за внесување текст („layout.spellcheckDefault“ во „2“).

Меморија

И покрај тоа што најголем дел од проблемите со мемориската зафатнина на Firefox беа решени со издавањето на верзијата 3.0, сепак простор за подобрувања и понатаму има. Со следниве неколку вредности се контролира апетитот на Firefox во различни околности и значително се подобрува мемориското менаџирање при работа со голем број на табови. Следниве три постоечки вредности од регистарот се менуваат на овој начин:

  • browser.cache.disk.capacity“ во „15000
  • network.prefetch-next“ во „false
  • browser.sessionhistory.max_total_viewers“ во „-1

Со претходните неколку измени го ограничуваме капацитетот (на 15 мегабајти) на податоците што Firefox ги запишува на хард дискот при прелистувањето, потоа го оневозможуваме раното вчитување на врски до моментално прелистуваната веб страница (link prefetching) и го оневозможивме чувањето во меморија на претходно прелистуваните страници во нишката. Како резултат на менувањето на вредноста „browser.sessionhistory.max_total_viewers“, можно е да има мало забавување при користењето на функционалностите „Back“ и „Forward“, но тоа е незначително во однос на поволностите што произлегуваат од извршувањето на оваа измена.

Дополнително додаваме уште две непостоечки вредности во регистарот:

  • browser.cache.memory.capacity“ во „10
  • config.trim_on_minimize“ во „true

Со додавањето на вредноста „browser.cache.memory.capacity“ го ограничуваме количеството RAM што Firefox ќе го користи за чување на веќе посетени веб страници. Целобројната вредност дефинира капацитет во килобајти. Во нашиов случај велиме дека Firefox нема да користи повеќе од 10 килобајти RAM за чување на веќе посетени веб страници и со тоа значително го стеснуваме просторот за подрастични промени во мемориската зафатнина на Firefox. Негативен ефект од оваа измена е намалувањето на брзината на прикажување на веќе посетени веб страници. Сепак намалувањата во брзината не се драстични. Речиси и да не се забележливи.

Со додавањето на вредноста „config.trim_on_minimize“ велиме дека секојпат кога прозорецот на Firefox ќе биде минимизиран, Firefox треба да го скрати количеството на користена меморија од RAM. Со други зборови, штом ќе го минимизираме прозорецот на Firefox, треба да биде ослободен најголем дел од меморијата што се користи кога тој е активен.

Со овие неколку измени мемориската зафатнина на Firefox се сведува на околу 80-тина мегабајти за прозорец со 6-8 отворени табови со богата содржина. Тоа е навистина одличен резултат.

За крај…

The Curious Case of Benjamin Button

The Curious Case of Benjamin Button

Базиран на адаптација (на Eric Roth) на краток расказ од 1921 година (напишан од Francis Scott Key Fitzgerald) и во режија на David Fincher (режисерот на Fight Club, Se7en итн.) „The Curious Case of Benjamin Button“ е апсолутно ремек дело.

Не би се осудил да го класифицирам и споредувам со било кој филм што сум го гледал досега, но би кажал дека кај мене разбуди емоции што досега успеале да ги предизвикаат филмови како: Nuovo cinema Paradiso, The Shawshank Redemption и The Elephant Man.

Силно, силно, силно препорачан на сите што сè уште го немаат гледано.