Играње игри под ГНУ/Линукс

Пред некој ден, читав интересна сторија со низа тестови (1, 2) што укажуваат на постигнатите перформанси (во број на фрејмови) во играњето на Doom 3 и Enemy Territory под XP, Vista и Wine.

Не бев многу зачуден од поголемиот број на фрејмови под Wine отколку на XP и Vista, особено не зашто се работи за игри што го користат енџинот на Doom 3, а Wine тој енџин многу фино го има соџвакано.

Инспириран од тестовите решив да направам свое мини истражување на тоа поле, но со една ептен тазе игра – Spore.

И што да кажам? Речиши сè течеше праволиниски. Инсталацијата на Spore беше најнормална. Играта најнормално се стартуваше и на цел екран и во прозорец. Единствен проблем беше префрлувањето од цел екран во прозорец, кога и ми се промени графичката резолуција во Убунту и тоа од 1280×1024 на 1024×768 пиксели.

За суштинскиот гејмплеј не можам да кажам толку пофални зборови иако навидум сè изгледаше во ред. На некои модели недостасуваа полигони, забележав и грешно прикажување на некои текстури, нетранспарентни мапи на транспарентни честички итн. Но, имајќи во предвид дека Spore е многу нова игра и во себе интегрира поинаква технологија очекував да видам дури и погрда графичка репрезентација. Сепак ако ги погледнете погорните слики во Убунту и во Виста, ќе забележите дека постои ситна разлика. А тоа само говори за моќта на Wine.

Охрабрен од првиот тест, решив да одам на хардкор варијанта и да си ја пробам среќата со Gears of War. За чудо, инсталацијата на играта течеше најнормално сè додека пред самиот нејзин крај не добив порака за грешка со содржина „…permission denied…“. Немам многу познавање на Wine, па не се ни потрудив особено околу проблемот, зашто целта не ми беше да вложувам посебни напори туку да си се пробам со Wine како почетник и да видам колку криви патчиња можат да се фатат… односно дали е дојдено времето еден просечен гејмер да може во целост да се потпре на Wine.

Времето не е дојдено. Барем не за (по)новите игри…

Немам цел да извлечам некаков позитивен или негативен заклучок од тестов. Едноставно ме интересираше до каде се работите…

Eagle vs Shark

Eagle vs Shark е првиот долгометражен филм на Taika Cohen – познат и многу наградуван режисер на кратки филмови.

Eagle vs Shark ме воодушеви со својата едноставност и ненаметливост. Силно препорачан за оние што сакаат да видат повеќе, а да чујат помалку во еден филм. И обратете внимание на моментот со хакерот. Да полудиш! :D

Инаку, за филмот првпат дознав преку deviantART. Имаше отворен конкурс за дизајн на постер за филмот, на којшто не земав учество. Пред некој ден сестра ми ме потсети дека филмот бил издаден, па решив да го погледнам. Интересно е што, филмот од прикажувањето има заработено само нешто повеќе од триесет и пет илјади американски долари. А, да не заборавам! Филмот има и прекрасен саундтрак со брилијантни инди-поп нумери. И тој е исто така силно препорачан. :)

Pidgin 2.5 FTW

Денес е објавена нова верзија од Pidgin. Pidgin 2.5 е едно од најзначајните изданија досега.

Доаѓа со долга листа на подобрувања и неколку долго очекувани карактеристики.

Со Pidgin 2.5 добивме:

  • поддршка за офлајн пораки во MSN
  • менаџер за смешковци (а со тоа и можност за додавање и употребување смешковци по избор)
  • автоматско намалување на огромни смешковци (заради што Pidgin често се закочуваше или исклучуваше)
  • можност за поставување лични пораки
  • и уште многу други интересни опции…

Супер издание! Честитки и само напред. Ако некогаш мислев дека Pidgin се развива со намален интензитет од порано, денес мислам дека тој е повторно во игра. Силно препорачан на сите корисници, особено на оние што првпат слушаат за Pidgin, без оглед на избраната платформата.

Прилогот „сè“

Гледам дека на планетава упорно се греши при пишувањето на „сè уште“, па да потсетам… Не е „сеуште“ туку правилно е „сè уште“!

Тоа е една од правилните употреби на правописниот знак „надреден знак“.

  • Надреден знак ( ` ) се става над самогласката е во кратката заменска форма нè (тој нè виде нас) и во прилогот сè (му реков сè) за да се разликуваат, на писмо, од негацијата не (не оди; тој не нè виде) и елементот се од повратните глаголи (тој се мие, се чешла).
  • Надреден знак се става и над кратката заменска форма за женски род ѝ (ѝ реков нејзе) за разликување од сврзникот и: тој и јас; влезе и ѝ рече.

Извадок од „Правопис на македонскиот литературен јазик“ – Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев, Р. Угринова-Скаловска (XI изменето издание, 1992 година)

Кога ќе го пишувате следниот запис, потсетете се на претходниве две точки… ;)