Firefox, Opera и своjството clear

Во последно време нешто ептен сум ангажиран околу пишување CSS и до вчера имав уникатен проблем со својството clear во Firefox и Opera. За што станува збор? Секој обид за „чистење“ на лебдечките елементи во рамките на некој div родител, завршува со примена на својството clear и за елементот во кој е вгнезден проблематичниот div т.е. елементот родител.

Проблем: Имаме лејаут со 2 колони, од кои едната лебди во лево, а другата си е фиксирана (ќе се вика десна). Под нив имаме елемент што има улога на футер, за кој е дефинирано својството ‘clear:both’. Тоа ни овозможува содржините од десната колона, да не навлезат под левата колона, кога ќе ја надминат нејзината должина. И до тука сè е во ред. Но, при обидот за создавање на нов div (во колоната што ја нарековме десна) со два вгнездени исто така лебдечки елементи во лево и во десно, со негово чистење подолу, се јавува проблемот што го спомнав на почетокот. Се применува чистење за родителот div (десна) и истиот се поставува под левата колона, што е сериозен проблем. Овој проблем е актуелен за прелистувачите Mozilla Firefox и Opera.

Решение: Проблемот се решава со додавање на својството ‘overflow:auto’ во описот на елементот што е вгнезден и чие протегање сакаме правилно да го ограничиме. Ова решение нема влијание на ниедна верзија од Internet Explorer. Еве од каде јас дознав за ова.

Сподели бесплатни сервиси

Долго време се подготвувам да пишам за новите бесплатни сервиси со кои сум преокупиран периодов, ама што знам, сè некако на друго си ја трошам енергијата… не дека за ова треба да си билдер :) и не дека зборев за физичка сила ама ај…

Периодов сум активен на Soundsnap – бесплатен сервис за споделување оригинални аудио записи, започнат од пријателот Tasos Frantzolas и доработен со помош на 20-тина негови помошници. Soundsnap има претензии да стане најголемата онлајн библиотека на бесплатни звуци на Интернет. Супер му оди и тоа ме радува. На SoundSnap има навистина голема разновидност од звуци, па може да се најде сè од незначителни шушкања на хартија и крцкања на плоча, до мелодични лупови и грувови – доволно квалитетни и применливи во речиси секаква ситуација. Наместо да ринете по гадни „warez“ сајтови преземајќи колекции семплови што не се бесплатни, преземете нешто по ваш вкус од колекцијата од над 30.000 бесплатни (читај квалитетни) звуци. Патем, ѕирнете ја мојата скромна колекција од десеттина интересни семплови.

CreativeBinge e многу нов веб сервис за графички и веб дизајнери. Овозможува создравање единствено портфолио за секој уметник, има одличен интерфејс, ептен е кориснички ориентиран и како сервис му е препорачан на секој фриленсер од нашава државичка. Моето портфолио е овде.

StockExpert е бесплатен сервис за продажба на royalty-free слики и фотографии. Потребна е регистрација како StockExplert уметник и штом истата е одобрена, продажбата е возможна. Нормално има правила кои мора да се почитуваат, па не може да ставите штогоде на продажба и многу важно сè што продавате на StockExpert мора да е во ваша лична сопственост. Испалата на заработеното се врши преку PayPal или во вид на специјални чекови. Сличен сервис на овој е Fotolia, но лично не сум задоволен од него, па го препорачувам StockExpert.

Vista ранлива на вирус од 1994 година

Stoned.Angelina е вирус кој датира од почетокот на 1994 година, а Vista е сè уште ранлива на него. Ако Windows како оперативен систем не може да се справи со проблеми стари повеќе од 13 години (од времето пред NT), тогаш како ли ќе се снајде со новите предизвици… Никако! Ете како…

Ова е само уште една потврда дека Microsoft не се грижи за корисниците и нема апсолутно никаква намера да направи ништо подобро за да им ги разубави секојдневијата.

Извор

Ден на слободен софтвер 2007, сабота, 15 септември [Точка, Магор, Мала станица]

flaer

Дискови со слободен софтвер ќе се делат од 11 до 18 часот во кафе книжарницата Магор и културниот центар Точка. На овие места ќе има и презентации во живо на оперативниот систем GNU/Linux. Се што треба да направите е да дојдете и да си земете CD. Во Точка и Магор ќе има и искусни корисници на GNU/Linux од кои ќе можете да добиете совети за тоа како да го инсталирате софтверот или одговори на други прашања кои можеби сте ги имале за слободниот софтвер.

Вечерта со почеток во 20 часот во Мала станица (Медиум) ќе има проекција на филмот „Good Copy, Bad Copy“, и ако останат, ќе има уште дискови за делење.

За да ги информира медиумите за овој настан, Слободен софтвер Македонија ќе одржи конференција за печат во четврток, 13.9.2007 во НВО инфо центарот во Скопје во 12 часот.

Сето ова ќе биде одлична најава на новата сезона „Сподели“ која наскоро ќе започне!

Настан на 15-ти исто така ќе има во Прилеп, а неколку дена подоцна и битолчани ќе организираат прослава во својот град.