По речиси двонеделен интензивен ангажман ја завршив втората верзија од „The Graphs” и изработив посебна страница на која отсега па натаму ќе бидат достапни сите наредни верзии од оваа бесплатна колекција на графици.

На почетокот…

Уште кога почнав да ја работам првата верзија од „The Graphs“, идејата ми беше да направам што е можно повеќе, слободно достапни „калапи“ за брзо и едноставно генерирање убави и применливи графици. Сепак, работата со графиците од првата колекција беше релативно тешка, од причина што, беа изработени во 3D Studio Max и беше потребно познавање како на овој софтверски пакет, така и на енџинот за рендерирање – V-ray. Да не зборувам пак за тоа, колку се „шушкави“ цените за легално поседување на лиценци за овие две софтверски апликации. Можеби тоа нема реално значење во Македонија, но во остатокот од светот има.

Така, првата колекција од „The Graphs” остана применлива само во границите на графиците што доаѓаа со изворните датотеки и што беа достапни како претходно рендерирани PNG слики. Ретко, ако не и никаде, на Интернет не можеа да се видат модификации на „калапите“ од првата верзија. Сепак, првото издание беше доволно успешно, за да ми стане инспирација за една пофлексибилна имплементација на идејата за „The Graphs”.

Што е различно во „The Graphs 2”?

Најголем дел од коментарите на читателите на Smashing Magazine, каде што и беше објавено првото издание на графиците, беа позитивни, но имаше и критички коментари што од денешна гледна точка, се сосема релевантни. Критиките имаа и најголемо влијание да донесам одлука за радикални промени во имплементацијата и да ги претворам графиците од пикселски (т.е. растерски) во векторски творби. Тоа, од практична гледна точка, меѓу другото, значи и целосна флексибилност при прикажувањето на графиците во било кои димензии. А така, стануваат применливи и во дизајните за печатење.

Прогресивно, кај графиците од второто издание, е што се достапни и во форматот SVG (Scalable Vector Graphics), што во комбинација со HTML5 ги прави широко применливи како векторски графички елементи во веб-страниците.

Благодарение на напредните опции за создавање графици во Adobe Illustrator, „The Graphs 2“ се навистина едноставно менливи. Со само неколку кликови во Adobe Illustrator е можно да се добијат персонализирани графици со релевантни вредности.

Сепак, изработката не одеше толку мазно, но за тоа се надевам дека ќе имам прилика да напишам повеќе во иден гостински запис на Smashing Magazine.

Што од сето ова?

Освен личното задоволство, верувам дека сосема заслужено ќе ја имам благодарноста од голем број луѓе на светот и на многумина ќе им го направам животот полесен.

Официјалната страница на The Graphs 2 денес стана популарна врска на Delicious со околу 30 зачувувања, до моментот додека го пишувам текстов, имам над 1630 посети од 86 земји во светот и повеќе од 480 преземања. А, веќе ја добив и првата донација!

Сè почна, со само еден твит на Smashing Magazine, претпладнево.

Се надевам дека овој запис ќе делува инспиративно на многубројните млади уметници и дизајнери од Македонија, кои верувам дека имаат капацитет да го променат светот. Секогаш кога имате вредна креација, сетете се на Интернет!