После неколку години, решив повторно да го гледам The Matrix и да проверам дали филмот и понатаму ќе ми остави толку позитивен впечаток, како впечаток што ми го остави кога за прв пат го гледав. Не само што тоа се потврди, туку симболиката во филмот ја видов (сè уште) толку автентична за актуелното современо живеење, што не можев да издржам да се воздржам и да не прашам: Луѓе, каде ни е Neo?
Живееме во т.н. слободно современо општество, чијашто слобода можеме да ја видиме на постери, во прирачници, во кампањи, но кога човек сака да ја почувствува слободата на своја кожа тогаш, како сите противсили да земаат залет, сакајќи да го спречат поединецот да се разбуди. Наеднаш, само агенти. Има закони, има авторитети, има процедури, има пречки. Само пречки. Има екстремно ограничени и прости богаташи, има пари, има обврски, има брза храна, има алкохол, има дрога, има какви сакаш занимации. За релаксирање се користат социјални мрежи, насилни компјутерски игри, пропагандни филмови, параноидни документарци. Се зборува за политика, за заговори, за цели, за нафта, за оружје, за глобално затоплување, за националности, за терористи. Се продуцираат сиромашни луѓе.
Се повикува на слободно образование за сите, а сепак најголем дел од популацијата на Земјата е неписмена или едвај писмена.
Не е лесно да се разбудиш од денешниов свет. Стави Echofon (Twitterfox) и поминал денот. Отвори Facebook и ќе те стемни. Кој прелистувач го користиш? Зошто не си со Google? Ubuntu нема шанси со Windows 7! Google се појаки од Microsoft. Apple се „набољи“! Насекаде има само причини за сè подлабока и подлабока поделба на луѓето на кланови, групи, поддржувачи на едно, противподдржувачи на друго… и сето тоа на крајот се сведува на огромен застој во еволуцијата. Како може некому да му е важно што направил некој друг, а да не му биде важно што направил самиот тој? Луѓето и понатаму живеат туѓи животи.
Луѓето во денешното слободно општество не се толку ограничени како луѓето во The Matrix. Повеќе се ограничени. Сите нови обиди за да се направи нешто ново или пак за да се олесни некоја работа се бескрајно комплицирани, но не во начинот на кој се направени да функционираат, туку на начинот на кој се прават достапни за светот. Уште кога ќе влезат во игра патенти, адвокати, тужби… сето тоа почнува да личи на детска градинка.
Да ви кажам, јас од страната на Neo сум. И ич не ми е гајле што прават агентите. Но, и тоа како ми е гајле што прави светот за да ги спречи, да го поплават.