Theora е бесплатен и отворен формат на видео компресија од фондацијата Xiph.org – дел од нивниот проект Ogg (проект што има за цел да овозможи интеграција на кодекот VP3 на On2 Technologies, аудио кодекот Ogg Vorbis и мултимедијалните формати Ogg во комплетно мултимедијално решение, што би било конкурентно на форматот MPEG-4). Ogg Theora припаѓа на истата класа на видео кодеци како MPEG-4/DiVX, но од нив значително се разликува по тоа што не обврзува со лиценца за користење и, што е уште поинтересно, што овозможува драстично подобри перформанси на видео компресија со висок квалитет.
Со Theora се сретнав неодамна и решив малку посериозно да се позанимавам со снимање на видео содржини во овој формат. Тоа што уште на прв поглед ме фасцинираше, беше забележителната разлика во големината на видео датотеките во MPEG-4/DiVX и Theora формат. Theora овозможува создавање на, во слободна проценка, помеѓу 45% и 65% помали видео записи без никакво видливо намалување на видео квалитетот.
Во мојот прв обид за компресија во Theora, суров DVD материјал со капацитет од околу 500 мегабајти, сведов на без малку 20 мегабајти. Зарем, тоа не е одлична заштеда? Подоцна, веќе компресирани MPEG-4 видеа претворав во Theora. Во речиси сите обиди имав најмалку 50% повисока компресија, а со тоа и 50% помали видео записи.
Со тоа што овозможува висока компресија, Ogg Theora е речиси идеален формат за дистрибуција на видео материјали на Интернет.
Theora е повеќе-платформски формат, достапен на ГНУ/Линкус, Windows и Mac OS.
Како се создава .ogv датотека?
ffmpeg2theora е едноставен конвертор на MPEG видео записи во Ogg Theora формат. ffmpeg2theora засега нема графички кориснички интерфејс и може да се употребува единствено преку терминал / Command Prompt, што никако не го прави помалку привлечен. Всушност командите за отпочнување на конверзијата се ужасно едноставни. Еве, на пример, како изгледа една таква:
ffmpeg2theora videoclip.avi
каде што „ffmpeg2theora“ е име на командата т.е. на извршната датотека на конверторот, „videoclip“ е име на видео датотеката, а „avi“ е тип на видео датотеката.
Сè што би требало да направите, за активно да го користите ffmpeg2theora, е да го преземете од официјалната страница. Конверторот е бесплатен, се разбира. Слободно послужете се со зададените примери на официјалниот веб сајт.
Достапност
Ogg Theora доаѓа како составен дел на сите ГНУ/Линукс дистрибуции. Под Windows, репродукцијата на .ogv датотеки е можна со помош на VLC media player. На крајот, доколку ве интересира, погледнете ја листата на плеери што умеат да репродуцираат Theora без проблеми.
Дискусија
1. Media Coder е еден бесплатен конвертор за аудио и видео формати кој јас го користам. Тој има можност за конверзија во Theora, меѓу другите поддржани формати. Оригиналниот видео клип може да биде во речиси било кој формат (не само MPEG2).
http://mediacoder.sourceforge.net/
2. Јас најчесто конвертирам видео материјали во Xvid формат. Освен што има задоволителен сооднос на квалитет/големина на фајл, главна причина зошто го користам е бидејќи мојот DVD плеер го поддржува. Тоа ми дава избор клиповите да ги гледам и на компјутер, но и на телевизор.