Вчера купив замрзнати пилешки копанчиња во Гиго-Трејд, во Радишани и сабајлево моите ми велат, оди врати ги, проверивме, поминат им е рокот. Проверувам, вистина. Чудно ми падна што пакувањето со копанчиња беше захевтано, а не трајно затворено. Тоа не го забележав претходниот ден.
Одам да ги вратам и ѝ се обраќам на една од вработените. Ѝ објаснувам во што е проблемот и ми вели да почекам за да ја „сторнела“ сметката или продажбата – не сфатив. Се враќа и проверува дали е поминат рокот и ми објаснува дека всушност не бил поминат. Рокот на задната страна кој што јас сум го гледал, бил за датум на (пре)пакување, а на предната страна имало друг рок, колку што запомнив, до некој ден во мај 2014 година.
Потоа прашав зошто пакувањето е захевтано, а не трајно затворено како за секое замрзнато месо. Вработената не ми даде некое посебно објаснување и веднаш ѝ се обрати на една од касиерките, за да среди, што треба и ѝ рече да ги тргне копанчињата на страна. Касиерката ме праша дали сакам да ми врати пари или да земам производ(и) за истата вредност. Реков дека сакам да ми вратат пари. Во меѓувреме касиерката од соседната каса се приклучува во разговорот за да потврди дека вчера таа ми ја наплатила сметката со копанчињата.
Производителот на месото е Pivka, Slovenija, увозникот JSP Aktuel од Скопје, односно GAJRET од Струга. Или така барем пишуваше на кесата во која беше ставено месото.