Како трајно да се реши проблемот со злоупотребата на владините возила?

Ја поздравувам идејата за ставање под контрола на злоупотребата на државните возила, но се чини дека предложеното решение нема да ги постигне очекуваните резултати.

Погледнете го следното видео на 360 Степени, доколку не сте во тек.

Сметам дека решението, кое меѓу другото, вклучува и промена на боите на регистарските таблички, всушност не е никакво решение. Зошто? Бидејќи се очекува од граѓаните да пријавуваат кога ќе видат вакво возило по улиците. Истите тие граѓани што не протестираат кога дишат екстремно загаден воздух, постојано се осиромашуваат преку раст на малопродажните цени итн.

Значи, треба да се пријави злоупотреба телефонски или по е-пошта и да се надеваме дека пријавата ќе стигне до одговорните лица, што ќе преземат нешто. Ова всушност не дава никаква гаранција дека ќе се постапи по пријавата, ниту пак има јасни правила што одредуваат чија е одговорноста во случај на непостапување. Значи, нема мерливи резултати и не можеме по одреден временски период да речеме дека сме ја намалиле злоупотребата за толку и толку проценти.

Во прилогот на 360 Степени се спомнува и некакво софтверско решение, коешто станало малку посложено па се одложила неговата испорака… или како и да се искажа Ивица Томовски.

Наивно ќе заклучам дека Владата има искрени намери и ќе образложам како јас сметам дека еден ваков проблем може да се реши трајно. :)

Зошто да чекаме граѓаните да пријавуваат злоупотреба, кога технологијата ни овозможува сѐ да автоматизираме?

Тоа е првото прашање што јас си го поставувам.

Сметам дека во период од 6 до 12 месеци може да се изработи едноставно софтверско и хардверско решение што многу поефикасно би ги ловело прекршоците од било кого во Северна Македонија. За почеток, може на секое возило да се постави уред за следење на движењето – нешто слично што веќе го имаат повеќето такси-компании во државата. Во превод, тоа е сим-картичка со пристап до Интернет што ќе „ѕвони“ некаде секој пат кога уредот ќе се вози и ќе ја снима местоположбата во секунда. Уредот што би го следел движењето на автомобилот, постојано би запишувал податоци во определена база на податоци, при што секој запис би бил со јасен индикатор за возилото на кое се однесува. Податоците би биле едноставни, но чисти и лесно машински-обработливи и би овозможиле анализа преку определен јавен портал, достапен за сите, а особено за новинарите.

На порталот за анализа на податоците би можело да се видат дневни, неделни, месечни и годишни извештаи за користењето на автомобилите и сите тие извештаи би биле јавни. Законски би морало да се определи некаква форма на постапување по овие извештаи… дали е тоа некаков правилник или закон… а одговорноста за постапувањето да биде доделена на одговорно лице, но само правно-формално. Значи, самиот портал за анализа би „генерирал“ прекршоци врз основа на добиените податоци, а прекршоците би ги распределувало за постапување одговорното лице… Доколку тоа лице не си ја врши работата, веднаш би можеле сите да видат дека има толку и толку прекршоци по коишто не се постапува. Одговорното лице би било јавно познато и би го испраќало прекршокот на понатамошно разгледување до соодветната државна институција, но клучно е тука да се знае која е таа јавно. Во случај и таа да не постапува, да можат новинарите да ѝ прават притисок и дополнително да истражуваат зошто не постапува. И тоа е тоа… другиот дел е проста, рутинска и административна работа.

Ако одиме чекор понатаму, со моќта на вештачката интелигенција можеме да се ослободиме и од одговорноста за испраќање на прекршоците за понатамошно разгледување. И тоа би можело автоматски да се прави врз основа на определен правилник што содржи одредени параметри… на пример: возилото не смее да потроши повеќе од 50 литри гориво неделно, возилото не смее да се вози во неработни денови, возилото не е на определената местоположба на крајот од работното време итн. Секој пат кога некое возило ќе прекрши некое од правилата, автоматски се алармира надлежна институција по електронски пат. За тоа има машинска трага, но може да се печати и определен документ, со електронски потпис и печат, за во некаква архива.

Верувам дека има уште 100 други луѓе што имаат и многу подобри идеи од оваа што ја образложувам.

Клучот е во одговорноста

Во предложеното решение на Владата, одговорноста е најслабата точка на мерката. Да не речам, одговорноста е непостоечка. Не е во ред граѓаните да се одговорни за ловење на злоупотребите. Ниту имаат време, ниту би требало да се занимаваат со тоа. Држава постои за да решава баш вакви системски проблеми. Бидејќи нашиот систем не е функционален, сега Владата очекува од граѓаните уште и со ова да се занимаваат, а државните службеници пак да не прават ништо. Треба да биде обратно – Владата да ги вложи сите свои капацитети и да воспостави самоодржлив систем за следење со отворен код. Зошто пак сега и отворен код? Бидејќи парите што ќе се потрошат за неговата изработка се јавни.

Следни чекори :-/

Јас би рекол дека е крајно време да го подигнеме степенот на управување во државните институции. Во истиот момент додека го пишувам ова, ми текнува колку смешно би можело да звучи… но, не е тоа проблемот. Всушност, проблемот со злоупотребата на државните возила и не е некој голем проблем. Станал голем заради немањето на контролни механизми и одговорни лица за одржување на контролата. Ако не успеавме да го решиме преку луѓе, зошто да не се обидеме со машини? Па, можеби, да фатиме и чекор со 21-от век.

Никој не ја чисти од снег улицата 1558 во Радишани

Документирам, за да остане забележано колку локалната власт во општина Бутел на чело со градоначалникот Петре Латиновски, се однесува неодговорно, кога на граѓаните им е најпотребна.

Денес решив да се јавам и да пријавам дека откако наврна последниов снег и температурите се спуштија мноoогу под нулата, на улицата 1558 во Радишани ниеднаш не е фрлено сол и таа не е исчистена од снег. Се јавив на телефонскиот број 2600-506 и по краткиот разговор со вработена во контакт-центарот на општината, бев упатен да се јавам кај инспектор што повеќе бил запознаен со ситуацијата на терен.

Се јавив кај инспекторот, на неговиот личен, мобилен телефонски број. Разговаравме околу 6,5 минути. Му објаснив што е проблемот и кои ми се очекувањата, па потоа тој ми објасни дека:

  • свесно избираат да не ги чистат сите улици во Радишани и тоа би требало да ни е на нас жителите нормално,
  • ако има фрлено сол на една споредна уличка, тоа не значи дека треба да има фрлено сол на сите споредни улички,
  • немаат доволно сол за да фрлат на сите улици во Радишани, па колку имале, толку фрлиле
  • не чистат одредени улици зашто биле непристапни заради паркирани возила
  • чистат само критични делови на угорнини или удолнини
  • #тоа_е

При крај на разговорот го прашав дали јас кај него можам да поднесам пријава за тоа што не е исчитена улицата. Рече да. Откако реков: ајде да поднесам, се предомисли, па во свои зборови рече дека нема такво нешто. Потоа прашав дали тужба до општината Бутел е единствената опција што ми преостанува? Тој рече дека ако сметам дека сум во право, да.

Улица 1558 на 6. јануари 2017 година.

Улица 1558 денес, на 10. јануари 2017 година.

img_20170110_144001_hdr

Поздрав Петре, до следните локални избори.

Книги со поими – Миланка и Лазо Средановиќ, 1983 г.

Расчистувајќи низ подрум, најдов две интересни илустрирани детски сликовници од 1983 година, од првото издание „Книги со поими“ на Душанка Кољевиќ, Славојка Блечиќ и Томислав Ракочевиќ, а илустрирано од Миланка и Лазо Средановиќ.

  • Уредник и стручно мислење: Војин Анчиќ.
  • Заедничко издание: ИРО „Вук Караџиќ“ – Белград, НИШРО „Дневник“ – Нови Сад и НИШРО Вараждин.
  • За издавачите: Слободан Ѓуриќ, Владислав Стефанов и Бранко Храшчанец.
  • Печати НИШРО Вараждин 1983.
  • Тираж: 5.000

Книгите се печатени двострано и се превиткуваат, така што на една книга има две лица кои содржат илустрации на различна тема. Двете книги што ги најдов се насловени: „Живот во градот и Живот на село“ и „Зима и есен и Пролет и лето“.

Ги споделувам во прилог на овој напис, а достапни се и за преземање подолу.

ПРЕЗЕМАЊЕ: Книги со Поими – Пролет и лето

ПРЕЗЕМАЊЕ: Книги со Поими – Зима и есен

ПРЕЗЕМАЊЕ: Книги со Поими – Живот на село



ПРЕЗЕМАЊЕ: Книги со Поими – Живот во градот

Џиновска сликовница „АБВ“ – Дарко Марковиќ, Оливера Николова, Скопје 1987

Кога јас бев дете, многу популарна беше „Бушава Азбука“ и сѐ што доаѓаше со неа.

Дарко Марковиќ и Оливера Николова своевремено имаат изработено фантастична илустрирана џиновска сликовница „АБВ“, којашто се плашам дека речиси сигурно оди во заборав. За тоа да не се случи набрзо, еве ја во прилог на овој напис за слободно прегледување, а ако сакате, можете и да ја преземете како PDF.

Библиотека „РОСИЦА“

НИПРО „Нова Македонија“
Директор:
Радослав Огњановски

Издавач:
ООЗТ Редакција „Детска радост“
Директор и главен уредник:
Петре Бакевски

Одговорен уредник, дизајн
и ликовно-графичко обликување:
Александар Цветкоски

Лектура и коректура:
Здравко Ќорвезировски

Рецензенти:
д-р Никола Петров
д-р Натка Мицковиќ

Сликовницата е издадена како програмска активност на Републичката самоуправна интересна заедница за предучилишно и основно воспитание и образование и општествена заштита на децата.

Печат и целосна реализација во погоните
на НИПРО „Нова Македонија“ ООЗТ Печатница, Скопје 1987

Тираж: 5.000

© Детска радост, Скопје, Југославија

Жал ми е што толку многу доцниме со дигитализацијата на нашето културно наследство, но во исто време сум многу среќен што сум јас зачувал оваа сликовница и колку толку останала неоштетена.

Сликано со мобилен телефон и со низок квалитет.

Споделете.